Потпишан Гранскиот колективен договор помеѓу МИОА и Синдикатот на УПОЗ

Сподели

 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, Пецо Грујовски денес го потпишаа Гранскиот колективен договор со кој ќе се регулираат и унапредат  правата од работен однос  на вработените во државната управа, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, локалната самоуправа, агенциите, фондовите и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

 

 

’’Со овој договор што денеска го потпишуваме, се уредуваат поголеми и поповолни права од правата предвидени со законите од оваа област,’’ изјави министерот Манчевски.

Министерот ги посочи правата и обврските на вработените утврдени со овој колективен договор како што се: флексибилното работно време, работа во неработни денови, паузи, годишен одмор, платено отсуство заради лични и семејни околности, неплатено отсуство, додатоци на плата, надоместување на трошоци поврзани со работа, дневница за службено патување во земјата, право на регрес на годишен одмор, право на парична помош, испратнина, плата за време на годишен одмор, плата за време на суспензија и плата за време на штрајк.

 

 

’’Во ова прилика, посебно сакам да истакнам дека со овој Колективен договор, за прв пат синдикалните организации при Синдикатот на УПОЗ ќе учествуваат во изготвување на правилници за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и евентуалните измени и дополнувања, а со свој претставник ќе бидат вклучени и во процесите на спроведување на функционалната анализа, ’’ истакна Грујовски.

Покрај правата кои ќе ги уживаат членовите на Синдикатот на УПОЗ со овој Колективен договор, договорени се и обврските со цел професионално извршување на работните задачи.