Владата го објави списокот со 12-те печатени медиуми што добија субвенции преку Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2019 година. Според објавените владини податоци, на повикот за финансиска поддршка за минатата година биле доставени вкупно 16 барања, за кои биле предвидени околу 810.000 евра. Од нив, одобрени се 12 барања за субвенции, при што на новинско-издавачките компании ќе им се распределат 712.000 евра.
Највисока сума за 2019 година ќе добие „Слободен печат“, на чија сметка ќе се исплатат субвенции во износ од 236.015 евра. Втор на листата според висината на субвенции е „Вечер“, којшто за оствареното печатење и дистрибуција на весникот ќе му легнат 137.176 евра. На најстариот дневен весник во земјава „Нова Македонија“ за 2019 година ќе му се распределат субвенции од 110.401 евра.
На листата на печатени медиуми кои добија субвенции се и весниците на албански јазик „Коха“ и „Лајм“, неделниците „Фокус“ и „Капитал“, месечниците „Економија и бизнис“, „Лице в лице“ и „Шења“, како и локалните неделници „Битолски весник“ и „Зенит“.
Во владиното образложение се наведува дека четири барања се одбиени. Кај едно барање не била доставена уредна и комплетна документација, додека кај две барања се утврдило дека станува збор за специјализирани изданија, а основен критериум за распределба е корисниците на средства да се печатени медиуми од општ информативен карактер.
„Едно барање е од страна на медиум којшто е бесплатно издание, и не го исполнува критериумот којшто гласи „Печатените медиуми последните три години до денот на објавувањето на Јавниот повик во континуитет да се продавале на пазарот“, се наведува во објаснувањето дадено од владата за оние медиуми што не добиле субвенции.
Субвенциите за печатените медиуми на македонски јазик се во висина од 50 отсто за направените трошоци за печатење и во висина од 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. Кај печатените медиуми што се издаваат на јазиците на етничките заедници, субвенциите се во висина од не помалку од 50 отсто, но не повеќе од 70 отсто за направените трошоци за печатење и одделно за дистрибуција, согласно доставените документирани докази за календарската 2018 година.