Османи и Димитров во работна посета на Париз

Сподели

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, престојуваат во работна посета на Француската Република.

Во рамки на посетата предвидени се средби со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон. Централна тема на средбите ќе бидат европските перспективи на Република Северна Македонија во пресрет на одлучувањето во Советот на ЕУ.

Планирано е ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров да остварат средби и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.

Во фокусот на разговорите ќе бидат европските интеграции на Република Северна Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес.

Посетата на Париз на ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров се случува во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.