На годишнината од трагичната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, министерот за здравство Венко Филипче, денеска присуствуваше на средба меѓу преживеана патничка и човекот кој ѝ помогнал да се извлече од превртениот автобус.
–На барање на Седат, минатата година успеавме заеднички да ја најдеме Јасмина. Тоа беше еден навистина емотивен момент, кој потврдува дека хуманоста, солидарноста и пожртвуваноста за другиот се вредности, кои ние како општество ги имаме и треба безрезервно да ги негуваме. И денеска сочувствувам со семејствата на загинатите и посакувам никогаш повеќе да не ни се случи ваква трагедија, истакна на средбата министерот Филипче.
Министерот Филипче, уште еднаш, изразува длабока благодарност до сите здравствени установи, служби и работници, кои навремено, стручно и професионално одговорија на задачата, спасувајќи ги животите на повредените патници.
Благодарност за целокупната грижа од медицинскиот персонал упати и Јасмина, која беше хоспитализирана во Градската општа болница „8 Септември“, каде се лекуваше повеќе од три недели.
Во сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци беа повредени повеќе од 30 патници, а 16 патници ги загубија животите. На тој ден, целокупниот здравствен систем беше активиран, а здравствените работници направија сѐ за да ги спасат животите на тешко повредените.