Претседателот Стево Пендаровски, вчера го прими Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација за Европа.
За актуелната состојба со коронавирусот во нашата држава, како и за најновите информации за ситуацијата со овој вирус во светски рамки, беше разговарано на средбата, на која директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге оцени дека нашата држава има добри капацитети и дека презема вистински чекори во подготвеноста за справувањето со коронавирусот. Тој посочи дека нема место за паника и дека е значајно граѓаните да се информираат од релевантни извори, за да не се дозволи создавање епидемија на лажни вести, со што се согласи претседателот Пендаровски.
На средбата се разговараше и за состојбата со аерозагадувањето во нашата држава, при што претседателот Пендаровски рече дека негова заложба е овој проблем да се стави високо на агендите, посочувајќи го примерот со седницата на Советот за безбедност на која во присуство и на невладини организации се разговараше за аерозагадувањето како безбедносен ризик во државата.
Ханс Клуге, регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа престојува во посета на нашата држава по повод одржувањето на вториот национален форум за здравје насловен „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“, којшто е во организација на Министерството за здравство и поддржан од Светската здравствена организација.