Донација од Сојузна Република Германија за МВР

Сподели

 

„Соработката помеѓу двете министерства е на високо професионално и пријателско ниво, веќе долги години наназад. Воедно, што е особено важно, искрено верувам дека има и тоа како широк простор тоа наше партнерство уште повеќе да го интензивираме и продлабочиме не само во поглед на заедничката борба против сите видови на криминал, туку и во сите други сегменти во коишто споделуваме заеднички интереси и вредности, а се разбира, пред се во интерес на граѓаните на двете земји“.

 

 

Ова, меѓу другото, денеска во Министерството за внатрешни работи го истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, а по повод примопредавањето на новата донација на возила од страна на германското министерство за внатрешни работи наменета, пред се, за потребите на граничната полиција.

Министерот Чулев потенцираше дека поддршката што Сојузна Република Германија ја дава на нашата земја, односно на Министерството за внатрешни работи во делот на граничнaтa контрола и безбедност има за цел унапредување на работењето при извршувањето на граничните работи и вршењето надзор и контрола, но и унапредување на безбедноста на државната граница. „Се разбира, тоа за нас е од големо значење и бездруго ќе придонесе за зајакнување на веќе одличните односи помеѓу двете земји“, нагласи министерот Чулев.

Инаку согласно договорот за донација станува збор за дваесет возила од марката „Дачија“ и „Рено“, чија што вредност е 287.557 евра, кои што ќе им бидат предадени на користење на полициските службеници од граничната полиција.