Филипче: Упатувам апел информациите да се црпат исклучиво од Министерството за здравство

Сподели

 

“Упатувам апел информациите да се црпат исклучиво од Министерството за здравство, поради тоа што лажни информации креираат паника и не треба да се користи оваа ситуација за добивање дневнополитички поени.

После сместувањето на пациентката, докторката на Клиниката за инфективни болести, уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна изолација, интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение од ДСЗИ сите ќе бидат во 14-дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени, како и 11 пациенти кои што биле хоспитализирани и кај кои лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои што се лекувале во изминатата недела во дневната болница, што значи дека доаѓале за да примат терапија. Иако сите се со различен степен на ризик од мал/среден/висок, согласно интензитетот на контактирање со заболената докторка, сметаме дека треба да се преземе оваа мерка за апсолутно сите кои биле и во најкраток контакт со неа.

Во текот на викендот се одржала и конференција на дерматовенеролози, на која присуствувале вкупно 103 лица, дел од нив вработени на клиниката. Сите тие се исконтактирани телефонски, кај дел од нив е спроведено и интервју од епидемиолозите, и кај нив исто така дадена е мерка домашна изолација. Помеѓу нашите гости имало и тројца од Грција, за што лично го известив грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет. Салата каде што се одржувала конференцијата е целосно дезинфицирана, согласно прописите, а истото е случај и со клиниката од страна на соодветната служба.

И покрај тоа што антиципиравме ризици, уште многу пред време и уште многу пред нашите соседни земји, ги спроведовме сите мерки на претпазливост, како на аеродромите, така и на граничните премини, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу не разочара. Ќе се преземат мерки за директорката, сега е предизборен период, не може формално-правно да се вршат разрешувања и именувања, но во првата можност таа ќе биде разрешена од функцијата, но во овој момент тоа е ирелевантно со оглед на тоа што целата клиника ќе биде затворена 14 дена. Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Апелирам до сите на кои им е пропишана мерката домашна самоизолација доколку патувале во ризичните региони да внимаваат и да се придржуваат на сите мерки што ние како Министерство за здравство по неколку пати на ден ги повторуваме дека загрозувањето на јавното здравје е многу сериозен прекршок и никој нема да биде поштеден од одговорноста. Повикувам на разумност, максимално почитување на апсолутно сите препораки.

Во овој момент се испитуваат уште 8 пациенти на Клиниката за инфективни болести, тоа е 1 пациент со симптоми што на 26ти минатиот месец престојувал во Бугарија, кој развил симптоми слични на грип, и неговата сопруга која во овој момент се тестира. Понатаму, 1 патник од Сингапур, наш државјанин кој пред 3 дена се вратил во нашата земја, 3 лица кои биле во контакт со пациентите хоспитализирани од Дебар и 1 пациент од Гевгелија за кој е испратен материјал и во овој момент ги очекуваме епидемиолошките податоци од локалниот епидемиолог. Веднаш штом ќе стигнат резултатите, тие ќе се пуштат во една фаза на тестирање и веднаш ќе ја информираме јавноста” – изјави министерот за здравство Венко Филипче.