Седница на Советот за национална безбедност за состојбата со коронавирусот

Сподели

 

Денеска попладне, во Кабинетот на претседателот ќе се одржи седница на Советот за национална безбедност на која ќе се разговара за состојбата со коронавирусот во земјава. На седницата ќе присуствуваат и министерот за здравство и началникот на ГШ на Армијата.

Претседателот Пендаровски на прес-конференција во петокот најави дека ќе бидат разгледувани евентуалните опции за справување со опасноста од ширење на коронавирусот. Посочи дека има три опции кои на државата и стојат на располагање. Првите две што си наведе – ангажман на армијата без и прогласување кризна состојба, веќе се воведени и се применуваат во оштините Дебар и Центар Жупа, од каде се најголемиот број досега заболени.

Трета опција е прогласување вонредна состојба поради загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем, но шефот на државата рече дека според него, засега нема потреба од тоа, но, како што потенцира, допушта дека може да има и други информации и можеби ќе треба да се размислува како опција.

Се очекува на седницата да стане збор и за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Партиите до 22 март, како што најавија, ги ставија под мораториум теренските активности за изборите.

МИА