Георги АЈАНОВСКИ
Во моментот кога го привршував освртот за партискиот роденденски настап на бившиот премиер Груевски, во кој тој најави можен граѓански судир, неочекувано на ТВ каналите се појави шефот на државата Иванов, со едно срамно исповедно обраќање до нацијата, кое што да бидам искрен, ме стави во дилема, дали го подготвил пијан човек или психијатриски пациент.
Поради тоа ја одложив првобитната намера да се мафтосувам со тралалајките на партискиот лидер, во обид да одгатнам што всушност сакаше да ни соопшти нашиот видно растроен претседател. Но, и покрај сите мои напори, за жал, не успеав да разберам ама баш ништо: кажа и прераскажа многу работи за кои што и самиот немаше никакво објаснение. Како укакано дете затекнато во нужда, преплашено, збунето, препотено, скокаше од тема на тема, настојувајќи да најде било какво оправдување и изговор за низата свои малоумни потези, со кои што уште повеќе ја добербати постојната криза.
Веројатно охрабрен од фабрикуваниот резултат на парламентарниот импичмент за негова оставка, доби вообразба, дека можеби навистина претставувал значајна личност од кого зависи судбината на оваа земја па, наврат- нанос состави нешто налик на говор, со кој што потврди дека нема поим за тоа што се случува во неговата држава. Во еден миг дури и си помислив оти сите тие празни бесмислици му биле намерно подметнати од идеолошката централа на дпмне-то, со цел да се оттргне вниманието од купот обвинителски истраги што Катица Јанева неуморно ги води против нивниот лидер. Едноставно, опседнат со халуцинации, дека Македонија се наоѓа во смртна опасност, дека некои анти-македонски сили само што не ја проголтале, упорно ја верглаше старата грамофонска плоча за странски заговори, која што Груевски ја компонираше уште во времето на пучистичката приказна за фамозните шпиунски комбиња кои деноноќно крстосуваат низ центарот на Скопје. Како што е познато, таа плоча подоцна стана омилена хорска изведба на медиумскиот оркестар, во кој што главни трубачки звезди станаа полицискиот началник Латас, бурекџијата Јанко, козарот Миленко, водителот “Газот на народот” Томиќ и многу други турбо фолк личности од фестивалските пастрмалијади на незаменливата власт.
Па сепак, дури сега со помош на одредени неидентификувани дојави од безбедносните шутрачки служби на Иванов, дознавме дека нашата кутра државичка да ти била најмалку двa-три пати, а можеби и повеќе, мета на разни странски агресорски планови и дека само благодарение на неговата будност и државничка решителност, тие биле осуетени и земјата била спасена од поробувачки гнет. Што би рекол Асим слаткарот од Шутка: “Ашколсун бре маже, заслужуваш една шербет тулумба!” Меѓутоа, бидејќи сеуште не разбравме, а можеби никогаш не ќе дознаеме кои се тие странски служби и од кого треба да се чуваме (Иванов веројатно им дал чесен претседателски збор дека тајната ќе ја чува до гроба), јавноста се најде во тешки дилеми: американски ли се, германски, српско-албански или грчко-бугарски центри, или пак доаѓаат од некои талибански терористички кампови, стационирани во далечната Tунгузија или на на Гренланд? Или дали нашиот славен Хорхе од Дрндупка, крие некое тајно оружје што во судниот ден ќе ги крене во парампарче нивните тајни упоришта?
За сега е најбитно дека македонскиот народ е благовремено информиран и бил предупреден што го чека и што може да му се случи, доколку не дај боже, падне режимот на Груевски и повторно биде побарана оставка од Иванов? А што е уште поважно, тој мора да знае дека внатрешните анти-македонски сили, поддржани од светската реакција, демнеат на секој чекор и чекаат само погоден момент да тргнат во освојување на власта. Преправени во шарени револуционери, студенти пленумаши, соросоидни демократи, стечајни протестанти, еколошки активисти, а всушност продолжена рака на струмичкиот бомбаш Заев, дефилираат по македонските улици извикувајќи смртоносни пароли за некаква слобода и правда. Во своите хулигански настапи, тие дури се одважија да кинат и палат фотографии со ликот на најомиланиот македонски претседател до сега, заборавајќи притоа дека атакот на неговата функција претставува и директен напад на нашата (дпне-овска) држава. Од тие причини, еден од водачите на контра-револуционерната фаланга, поттикнат од заканувачките пораки на тандемот Груевски-Иванов, неодамна побара: итен прогон од земјата, апс или јавен линч на сите оние странски платеници и петоколонаши кои што велепредавнички го напаѓаат и сакаат да го сменат актуелниот преродбенички режим!