Град Скопје со дежурна патрола за време на празникот, ќе се грижи за бездомните кучиња
Во време кога се бориме со невидлив непријател и сите капацитети се насочени кон спасување на човечки животи, следејќи ги препораките на министерството за здравство и почитувајки ги одлуките на Владата, кога движењето на граѓаните е значително ограничено, Град Скопје не ги заборави и бездомните животни.
На иницијатива на градоначалникот Петре Шилегов, преку јавното претпријатие за заштита и благосостојба на бездомните животни ЛАЈКА, град Скопје обезбеди дежурна патрола, која ќе циркулира на целата територија на градот за време на празничниот викенд.
Тимот составен од стручни лица, ветеринари, техничари и негователи, ќе се погрижи бездомните кучиња да имаат редовна достава на храна и вода, како и неопходна ветеринарна помош. Активностите ги поддржа и директорката на јавното претпријатие ЛАЈКА, Тина Петрушевска, донирајќи еден тон храна за кучиња, која ќе биде доставена на точно утврдени локации, за време на 85 часовниот карантин.
Во моментов нема докази дека бездомните кучиња или мачки можат да бидат заразени со новиот коронавирусот и многу е важно во овој период да се информираме од веродостојни извори, да не шириме паника, да споделуваме точни и проверени информации.