Филипче: Монтажната болница до Инфективна во иднина ќе биде тријажен центар

Сподели

 

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, нејзината екселенција Сибил Зутер и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, денеска ја посетија монтажната болница, поставена до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Монтажните модули се набавени и поставени со финансиска поддршка од Швајцарската амбасада, со што во најкраток временски рок се дуплирани капацитeтите на Инфективната клиника.

-Монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје e поставена во рамки на мерките преземени против коронавирусот. Тоа беше реализирано во рекорден рок од само 14 дена, иако рокот за изведба беше 21 ден. Таа ќе се користи како КОВИД центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба, изјави министерот Филипче и изрази огромна благодарност за досегашната успешна соработка со амбасадата на Швајцарија и за континуираниот придонес за унапредување на здравствениот систем во нашата држава, особено во време на пандемија, кога сите земји се соочуваат со низа предизвици.

 

Станува збор за корисна површина од повеќе од илјада метри квадратни, каде се сместени простории за амбулантски и тријажен простор, како и други помошни простории, кои се функционално организирани, согласно специфичните протоколи и патеки за движење на здравствениот кадар и на пациентите.

-Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. Солидарноста и одговорноста се клучен дел од нашата традиција врз која ја темелиме долгогодишната соработката со нашите партнери. Нашата развојна програма е флексибилна да одговори на вистинските потреби, особено во време на криза. Со големо внимание ги следиме случувањата во земјата, и со задоволство прифативме да помогнеме на Министерството за здравство во доопремувањето на модуларната болница со „монтажни модули“, кои во соработка со Министерството за локална самоуправа, ги обезбедивме преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, изјави Сибил Зутер, амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Монтажната болница има капацитет од 72 легла, целата структура е поврзана со „топла врска“ со зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следи ќе биде доопремена и со потребната немедицинска опрема.

„Согласно моменталната состојба за време на пандемијата Ковид-19, Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, активно се вклучивме во поддршка на Министерството за здравство и во нивните напори за справување со настанатата состојба во државава. За таа цел излеговме во пресрет за потребите на капацитетите на Инфективна клиника преку Министерство за здравство, со средства во висина од 260.000 швајцарски франци преку проектот ‘Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој’, наменети за поддршка на здравствениот систем. Денеска извршивме увид и навистина сме задоволни од целокупната реализација на проектот“ вели Горан Милевски, Министер за локална самоуправа.