Лидерска средба за одржување на изборите и вонредната состојба

Сподели

 

Денеска во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски ќе се одржи лидерска средба на која се очекува да се разговара и за терминот на одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа закажани на 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ширењето на ковид-19. Лидерите исто така се очекува да зборуваат и за евентуално продолжување на вонредната состојба, за состојбата со коронавирусот во земјата и препораките на здравствените власти, и како да се спроведат изборната кампања и гласањето и да се заштитат граѓаните.

На средбата се поканети претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи. Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата се очекува да присуствуваат претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами и на ДПА, Мендух Тачи. На разговорите поканети да учествуваат се и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.

Од денешната средба кај Пендаровски се очекува да произлезе решение за датумот за парламентарни избори, за што во изминатите денови партиите од власта и опозицијата изнесоа различни размилувања. Освен нив поинакви ставови изнесоа и сегашни и поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК). Дали, сепак, и овој пат на парламентарните избори „ќе им пресуди“ бројот на заболени и евентуалното натамошно ширење на коронавирусот во земјата вклучувајќи го и почитувањето на мерките од страна на граѓаните, останува да се види во наредните денови.

Партиите од власта предводени од СДСМ излегоа со став дека на избори треба да се оди во средината на јуни искористувајќи го олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и стабилизацијата на пандемијата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека на лидерската средба треба сите учесници да направат обид да се постигне консензус. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Тој смета дека според правните норми, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се организираат изборите.

Во однос на датумот, 14 јуни, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски рече дека секојдневно има новозаболени од коронавирусот, периодот на инкубација е 14 до 21 ден, а потенцијално и од овие новозаболени може да има други што би било за време на одржување на кампањата, односно во тек на изборите. ЕУ, додаде тој, донесе одлука дека нејзините граници за влез и за излез ќе бидат затворени најмалку до 15 јуни, а некои држави членки како Франција ја продолжија вонредната до 24 јули. Тоа, според него, покажува дека ќе биде невозможно во Македонија да има меѓународен мониторинг на изборите доколку тие се одржат на 14 јуни.

– Реално, како партија на власт, ни одговараат избори што порано, но не прејудицираме кога да се одржат. Треба да се имаат предвид сите аспекти и евентуалниот втор пик во септември, па да се донесе вистинска одлука за терминот на одржувањето на изборите иако некои сакаат тоа да се случи во прозорецот меѓу двата пика. Најважно за нас е изборниот процес да не создаде ситуација никој да не се разболи. Ние треба политички да кажеме дали е во ред да се одржат избори во такви услови. Сепак, велам утре на лидерската средба ќе решиме што ќе правиме. Избори во септември и октомври и одговараат на опозицијата, а за Владата е подобро да има во јуни или јули, бидејќи има согледувања дека во летните месеци луѓето се порасположени да гласаат за власта. Во август одат на одмори и никој нема да биде тука да гласа. Во јуни или јули може да има избори – смета вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Претседателот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи вчера на прес-конференција рече дека избори треба да има во јуни, потенцирајќи дека изборите се важни за да заздрави економијата во наредниот период.

За Алијансата прифатлив датум за избори е крај на јули или почеток на август.

Дејствијата за предвремените парламентарни избори беа прекинати со заклучок на ДИК на 22 март годинава, откако ден претходно Владата донесе Уредба со законска сила за одложување на изборите. Во истиот заклучок е наведено дека сите изборни дејствија преземени дотогаш (22 март) се сметаат за важечки. Исто така се посочува дека сите преостанати дејствија од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидиран роковник, што ДИК ќе го донесе по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на нова уредба на Владата за изборниот процес. ДИК ја обезбедува и ја чува постојната изборна документација до продолжување на спроведување на изборните десјтвија и изборите.

До овој датум беа потврдени кандидатските листи на партиите, беше извршена ждрепка за редоследот на избирачкото ливче, но Избирачкиот список ДИК не го заклучи. Исто така поминаа и роковите за други дејствија. ДИК мораше и да ги замени членовите на изборните органи од здравствените институции поради ширењето на ковид-19.

Актуелниот претседател на ДИК Оливер Деркоски, делегиран од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет, додека, пак, неговиот колега Борис Кондарко предложен од СДСМ, смета дека изборните рокови треба да продолжат таму каде што биле прекинати поради прогласената вонредна состојба.

МИА