Водно ќе нема закон туку акт за прогласување за заштитено подрачје од петта категорија

Сподели

 

Министерството за животна средина и просторно планирање во правец на обезбедување на транспарентност на процесите, информира за статусот за прогласување на Водно за заштитно подрачје.

  • За  оправданоста од прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата и Правилникот за содржината на студијата за валоризација и ревалоризација на заштитени подрачја (Службен весник на РМ. бр. 26/2012) се изработи Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума „Водно“. Студијата е изработена во рамки на проект “Подобрување со управување со заштитени пордрaчја” кој е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020г., а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).
  • До Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) предлогот за прогласување на Водно за заштитено подрачје во категоријата Заштитен предел (категоријата V – заштитен предел) е доставен од страна на Градот Скопје,(допис од 29.04.2020.)г. Предлогот се заснова на Одлуката донесена од страна на Советот за градот Скопје на која и претходела изработката на Студијата, комуникација на експертскиот тим со засегнатите страни, анализа на  плановите за развој и искористување на природните ресурси, големината на подрачјето, неговата населеност, потребите на населението и традиционалните вредности, при што е утврдено од нивна страна дека категоријата V – заштитен предел, најдобро ја отсликува специфичната интеракција на луѓето и природата на Водно и дека е во согласност со IUCN стандарди. Исто така, во оваа фаза на постапката биле одржани и две јавни расправи во организација од УНДП, Град Скопје и експертскиот тим, при што засегнатите страни дале свои предлози и сугестии за студијата за валоризација на Водно, кои биле разгледани од експертскиот тим што ја изработи Студијата и по вклучување на аргументите и забелешките, Градот Скопје ја достави Студијата до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
  • Врз основа на наведената студија, согласно Законот за заштита на природата МЖСПП ја води постапката за прогласување и за таа цел изработи Информација за потребата од прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V- заштитен предел. Оваа информација e доставена на мислење до Владата на Република Северна Македонија и до сите релевантни институции за разгледување и усвојување.
  • По донесување на Одлуката за прифатливоста на предлогот за прогласување на Водно за заштитено подрачје во категоријата V- заштитен предел од страна на Владата, ќе следува јавна расправа по предлогот актот за прогласување на која ќе бидат поканети сите засегнати страни. Актот ќе биде поставен и на ЕНЕР за коментирање. По јавната расправа, МЖСПП ќе го изготви конечниот акт за прогласување на Водно со вградени аргументирани предлози и сугестии од засегнатите страни.
  • Потоа МЖСПП ќе го достави Актот за прогласување на Водно до Владата на разгледување и усвојување. Со оглед што Студијата на Град Скопје предлага степен на заштита во категоријата V-заштитен предел, за неа не е потребно донесување на закон за прогласување, туку само одлука на Владата, по предлог на Министерството.

Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно е објавена на веб страницата на  МЖСПП  на следново линк:

http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2015/01/Studija_Vodno.pdf