Да се случеше ваква понуда во некој нормален свет можам да замислам колку експерти психијатри ќе истражуваа за причините на ваква апсурдна предизборна понуда, секако непозната во историјата на плурализмот. Нормално дека партиите што ќе постигнат мнозинство можат и некој вонземјанин да назначат за премиер. Тоа е работа на политички договор и никаде никому не може да се забрани да стане премиер. Но гледајте кај нас во политикчките понуди сѐ е можно. Знаете, за да се стекнете со дозвола за да управувате трактор ви треба лекарско уверение, а за да управувате државата не ви треба ништо. Тоа е апсурдноста кај највисоки јавните функции. И сега од илјадници важни или витални потреби на граѓаните кои треба да ви се како понуди, вие ја потценувате интелигенцијата на луѓето сакајќи да ги заведете, што ми наликува на таа детска приказна со ортаклукот меѓу итриот селанец и мечката. Во нормалниот свет тоа е жив хумор. И кај нас од такви понуди можеме да се смееме до солзи, и веројатно после смеата ќе ни преостанат само солзите.
Сигурен сум дека таквата понуда е сериозен знак дека се работи за политички давеник, оти сите сондажи покажуваат дека нивната мисија неславно завршува. Претпоставувам дека не сакаат да заминат со наведнати глави, туку со некаква гордост на која само самите веруваат. Мислам дека бројни нивни поддржувачи, а и членови се многу разочарани од нив, и тие посакуваат да се ослободат од едни вакви челници што освен што сѐ живо зграпчија, тие ја имаат киднапирано и партијата. Таму има одлични луѓе кои сто пати подобро можат да го водат тој субјект отколку доживотно непродуктивни лица. Тие кои имаат подолго паметење знаат дека токму водството на таа партија прифати дискриминаторски закон за наталитетот, прифатија државен грб со партиски лав, молчеа додека Груевски трошеше цели 650 милиони за гипс! Јас можам само да ги жалам. Гледаме што направија со пандемијата. Поради изборната логика создадоа втор бран. Кога ќе постапите со изборната логика тогаш ќе ги загубите и логиката и изборите.