Пријава за упис во средно училиште на веб-страницата на МОН

Сподели

 

Учениците кои идната недела ќе се запишуваат во средните училишта, заедно со целокупната потребна документација наведена во Конкурсот треба да носат и пријава која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk.

Формуларот  за пријавување е достапен на четири (наставни) јазици – македонски, албански, турски и српски. Потребно е секој ученик да го испечати, пополни и да го достави до училиштето заедно со останатите документи.

Уписите  во средните училишта за учебната 2020/2021 година ќе бидат идната недела и ќе се спроведат согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.

Првото пријавување ќе биде на 16, 17 и 18 јуни во периодот од 7 до 19 часот, како и на 19 јуни  од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, може да организираат пријавување на учениците само во деновите 16 и 17 јуни. Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни по 15 часот.

Во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците ќе се реализира на 16  и 17 јуни, а во деновите 18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи.

Од МОН посочуваат дека секое училиште има обврска во рамки на утврдениот период (од 7 до 19 часот за сите три дена, односно од 7 до 13 часот на 19 јуни), да определи интерен временски период за прием на документите,  да објави распоред за прием на документите според азбучен ред од презимето и нив да ги објави на јавно место во училиштето најдоцна до 12 јуни 2020 година.