Завршија билатералните средби на претставници на четирите најголеми политички партии со посредниците од Европската Унија и на САД.
Ниту еден од претставниците не е премногу оптимист и никој не сака да даде прогноза кога може да се очекува некаков напредок. Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во изјава за медиумите рече дека денеска соопштиле дел од нивните иницијативи, но немале можност да ги споредат со тие на другите партии.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се разговара за датум за избори, Шекеринска рече дека сè уште не стигнале до тоа затоа што на сите, особено на претставниците на меѓународната заедница, им е јасно дека она што прво мора да се договори е како ќе се исполнат условите, а дури потоа кој ќе биде денот на изборите.
– Ние сметаме дека Македонија може да добие избори во релативно краток период, кои ќе бидат фер и демократски. Изборите можеа да бидат дури и во април и во мај, меѓутоа немаше политичка волја – рече Шекеринска.
Артан Груби од ДУИ изјави дека има напредок со тоа што воопшто седнале да разговараат. Тој додаде дека се зборувало за избирачкиот список и за медиумите, а кога ќе има некој конкретен договор, сите ќе бидат известени.
Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека се надева наскоро повторно да се одржи средба, но не одговори на прашањето дали е оптимист.
Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА, Никола Тодоров и Имер Алиу, не сакаа да коментираат ништо околу денешната средба.