Во последниот период се почести се изјавите од двете најголеми партии во државата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, дека оваа есен ќе се одржат вонредни парламентарни избори. Сѐ уште не е јасно како ќе се одржат изборите, бидејќи според првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, Избирачкиот список не е пречистен.
ЦИВИЛ – Центар за слобода опстојува на децидниот став дека не е до крај спроведен Договорот од Пржино и дека се уште нема услови за спроведување на фер и демократски избори.
Лидерот на најголемата опозициона партија, Зоран Заев, изјави дека по завршување на летото може да бидат создадени услови за фер избори.
„Верувам дека Договорот од Пржино може да биде вратен и тоа од Владата со министрите од власта, која би ги подготвила изборите. Може да биде формирана и влада за национален спас, може да биде формирана и експертска влада, реформска влада и слично. А на кризата може да и се стави крај само на фер и кредибилни избори. Летото ќе биде период во кој ќе се случат многу значајни работи во процесот на решавање на кризата, а вонредните парламентарни избори може да бидат одржани во октомври или најдоцна до втората половина на март идната година, заедно со редовните локални избори“.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, на обраќањето на 25 -та годишнина на Унијата на млади сили, истакна дека се подготвени, во секој момент да учествуваат на избори, затоа што неговата партија ќе победи.
„Со ваков наш пристап, и со вакво СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е сигурен победник на следните избори, кога и да се. Што порано – подобро, за да се скратат штетите на економијата, што всушност, се директни штети врз грбот на народот, на невработените, сиромашните, компаниите и на целото општество. Нашите опоненти, одговорот ќе го добијат од граѓаните на следните избори. Колку подоцна се одржат, поголема ќе е казната кон СДСМ заради овие негови политики и штети кои ги прави на сите граѓани. Во наредните 4 или 10 месеци, како и да е, Македонија ќе стави крај на оваа политичка игра и политичка хајка. Избори ќе има, и довербата ќе ја добие повторно ВМРО-ДПМНЕ заедно со УМС, како еден од нашите клучни столбови“, потенцираше Груевски.
Додека Груевски и Заев се натпреваруваат со изјавите – кој има поголема доверба кај граѓаните и кој ќе победи на следните избори, останува отворено прашањето – кој, како и кога конечно, ќе создаде услови за одржување на демократски, фер и кредибилни избори во Македонија?
ЦИВИЛ – Центар за слобода опстојува на децидниот став дека не е спроведен Договорот од Пржино и дека нема услови за спроведување на фер и демократски избори! Зашто, покрај Избирачкиот список во кој се уште владее хаос, медиумите се и понатаму строго контролирани од владејачката гарнитура, а во киднапираните државни институции, власта има целосна контрола врз вработените кои се жртви на невидени притисоци.
Д. Муратов
CIVIL.ORG.MK