Актуелниот ректор на најстариот универзитет во државата „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, е избран да биде на функцијата и во следните три години, колку што трае мандатот. Во записникот за резултатите од спроведеното гласање, стои дека тој победил со вкупно освоени 3.604.452 поени.
Се гласаше на 22 факултети и пет институти кои се дел од универзитетот.
Битка за ректорската фотелја освен Јанкуловски, водеа и проф. д-р Петар Атанасов, поранешниот заменик-министер за образование и наука кој освои кој освои 237,774 поени, потоа професорото Коле Василевски од Шумарски факултет кој освои 554.177 поени, проф. д-р Јане Ацевски исто така од Шумарскиот факултет кој освои 89.902 поени, проф. д-р Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет кој освои 212.153 поени, проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет кој освои 367.605 поени, како и проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје кој освои 333.964 поени.
Според избирачките списоци на единиците, запишани се вкупно 1.450 гласачи. Не гласаа членовите на наставно-научен совет на Факултетот за драмски уметности, затоа што така одлучиле.
Во изминатиот период, имаше многу бранувања во академската фела. Превирањата растеа како што се наближуваше датумот за избор на ректор. Актуелните проректори го обвинија Јанкуловски дека целта му е незаконски да ја заврши постапката за избор на ректор, зашто имало многу законски прекршувања. Јанкуловски, пак, тврдеше дека почнатата постапка за избор на ректор во периодот 2020-2023 година, е во согласност со актуелниот Закон за високо образование во државата.
Професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски вчера соопштија дека кандидатурите за ректор на УКИМ ги ставаат во мирување.