Филипче: Со помош на ЕУ ќе се инвестира во кадар и опрема во интензивните одделенија

Сподели

 

На средбата во Охрид со специјализантите и младите лекари, министерот за здравство Венко Филипче ги истакна и можностите кои се нудат на јавното здравство преку усогласувањето со законодавството на Европската Унија, како и новите можности кои ги нудат програмите. Во таа насока тој истакна дека преку ИПА 3 – инструментот за првпат има средства за унапредување на здравствениот систем во нашата земја, наменети за инвестиции пред сè во луѓето и во опремувањето и унапредувањето на одделенијата за интензивна нега ширум земјата.

“Усогласувањето со законодавството на ЕУ и за нас отвора нови врати. За првпат во IPA 3 инструментот ќе има пари за здравство, за здравствениот систем. Направивме предлог проекти кои сегменти сакаме да ги зајакнеме. Правилно сме процениле дека најмногу треба да се инвестира во луѓето. Кризата со коронавирусот потврди дека вистинската инвестиција во здравството е прво во луѓето, потоа опремата, за што разговаравме и со ЕУ, и утврдивме дека е најважно да се зајакнат најважните сегменти во секоја установа – а тоа се одделенијата за интензивна нега” – истакна Филипче.

Министерот разговараше со младите лекари и специјализанти за важноста на одделенијата за интензивна нега, како во однос на опременоста со современи апарати и целосна инфраструктура, така и со силни и обучени тимови на медицински персонал кои ќе им пружаат соодветна нега и третман на најкритичните пациенти.