Британскиот премиер, Дејвид Камерон, денеска ќе се сретне со лидерите на Европската Унија (ЕУ), првпат по референдумот на кој Британците одлучија да ја напуштат Унијата.
Камерон и неговите европски колеги, како што пренесува „Би-би-си“, ќе разговараат за импликациите од гласањето за Брексит и за понатамошните чекори, на самитот на ЕУ во Брисел.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, вчера изјави дека нема да има „формални и неформални“ преговори со Британија сè додека таа не поднесе барање за излез од ЕУ.
Во меѓувреме, британскиот министер за здравство, Џереми Хант, повика на одржување втор референдум околу условите за напуштање на Унијата.
Тој изјави дека процесот на повлекување треба да биде одложен до следните избори, односно најрано до 2022 година.
Хант е првиот министер кој излегол со ваков став во британската јавност.
Министерот за здравство, кој се надева на лидерската позиција во британската влада по заминувањето на Камерон, вели дека Британија треба да остане во заедничкиот пазар на ЕУ, повикувајќи се на договорот „Норвешка плус“, и да се преговара за ревидирање на миграционите правила.
Со останувањето во заедничкиот пазар, Британија, според Хант, ќе ги задржи актуелните трговски придобивки што ги има како полноправна членка на ЕУ.
мета.мк