Десетици повредени и уапсени демонстранти во Белград

Сподели

 

Десетици повредени лица, уапсени демонстранти и запалени полициски возила е билансот од синоќешниот протест што се одржа пред Парламентот на Србија во Белград. Протестот во главниот град започна откако српскиот претседател Александар Вучиќ објави враќање на полицискиот час и други рестриктивни мерки за спречување на натамошното ширење на корона вирусот во земјата. Улицата пред српскиот парламент беше блокирана од десетици лица кои извикуваа против претседателот Вучиќ, за во текот на ноќта бројката на демонстранти да порасне на неколку илјади белграѓани.

Поради малиот број полициски службеници, демонстрантите го пробија полицискиот кордон пред парламентот и влегоа во собранискиот хол, по што полицијата употреби сила за да ги истера надвор. Судирите меѓу полициските службеници и граѓаните траеја неколку часа и завршија дури рано наутро.

Директорот на српската полиција Владимир Ребиќ утрово за Радио-телевизија Србија изјави дека во изминатата ноќ на протестот биле повредени 43 полицајци, 17 демонстранти, а досега биле уапсени 23 граѓани. Меѓу уапсените е и Дамњан Кнежевиќ, за кој полицијата вели дека е организатор на упадот на демонстрантите во Собранието. Еден од досегашните пратеници на партијата „Двери“, Срѓан Ного, е исто така меѓу уапсените демонстранти.

Српските медиуми јавуваат за двајца повредени сниматели на агенцијата „Танјуг“, но и за обиди на полицијата да се попречи снимањето на телевизијата „Н1“ на синоќешните судири. Белградскиот весник „Данас“ јавува дека по разбивањето на масата демонстранти пред Парламентот, до доцна во ноќта траеле судирите со полицијата на неколку локации во центарот на Белград. Белградскиот центар за човекови права објави дека ќе поднесе две кривични пријави против полициското насилство применето врз демонстрантите до доцна во ноќта.

Српската премиерка Ана Брнабиќ го осуди вандализмот и насилниот упад во парламентот, за кој таа смета дека позади него стојат политичарите од српската опозиција кои не успеале да влезат во парламентот преку избори. Еден од опозициските лидери Драган Ѓилас изјави дека верува оти протестите ќе продолжат и во наредниот период, обвинувајќи за насилство на режимот над мирните граѓани.