„Дрисла“ од следниот месец престанува да гори медицински отпад

Сподели

 

Првите количини медицински отпад на скопската депонија „Дрисла“ ќе почнат да се стерилизираат уште летово. Новата постројка што ја набави депонијата ќе стартува со работа следниот месец, што ќе значи конечно напуштање на постапката за горење на отпадот што го создаваат центрите за Ковид 19, но и сите други медицински установи во земјава. Инсенераторот на „Дрисла“, во кој досега се третираше овој отпад ќе биде исклучен и ќе се користи само за спалување документи. Со стерилизацијата, медицинскиот отпад се депонира како комунален, а можностите за загадување се сведуваат на минимум.

Фото: Дрисла

Новата технологија, депонијата „Дрисла“ ја набави минатиот месец. Се работи за аутоклав од италијанската марка ЦИСА, кој работи на иновативен, целосно автоматизиран систем со висока технологија и има капацитет од 2.000 литри, односно за еден час може да третира 350 килограми отпад и да ги задоволи дневните потреби на депонијата. Директорот Коста Начевски, за „Мета“ вели дека во моментов очекува да заврши постапката за јавна набавка за објектот и за инсталациите кои се потребни за да работи постројката, по што ќе почнат да ги составуваат деловите од аутоклавот.

„На крајот на месецов или почетокот на следниот ќе започнме со монтирање на стерилизаторот за медицински отпад, по што постројката веднаш ќе започне со работа. Во прво време ќе биде сместена во монтажен објект кој дојде заедно со неа во пакет. Во меѓувреме ќе ја изградиме и халата каде што ќе треба да биде трајно поставен стерилизаторот. За тоа ќе ни требаат најмалку три месеци, а нашата цел е што поскоро да започнеме со работа“, вели Начевски.

Фото: Арбнора Мемети

Посочува дека кон крајот на месецов очекуваат во „Дрисла“ да пристигнат монтерите од Италија од компанија со која депонијата има склучено договор. За монтирањето на стерилизаторот ќе бидат потребни десетина дена. Начевски вели дека со промената на технологијата на третман на медицинскиот отпад од согорување во стерилизирање и депонирање се избегнуваат секакви емисии во воздухот и се штити здравјето на луѓето. Стариот инсенератор, пак, кој во 2000 година ни беше дониран од Велика Британија, беше еден од поголемите загадувачи на воздухот, заради што „Дрисла“ пред две години доби казна од Државниот инспекторат за животна средина и обврска да постави филтри на оџакот. Новиот систем за третман на медицински отпад е опремен со шредер кој го намалува волуменот на отпадот до 80 отсто, со сува вакуум пумпа со која се штеди вода и до 98 отсто, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува  воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.

мета.мк