Европратеници до УНЕСКО: Преземете соодветни мерки за зачувување на Аја Софија

Сподели

 

Стотина европратеници изразија незадоволство од одлуката на Турција да ја претвори една од најпознатите православни цркви на светот „Аја Софија“ во џамија и повика да се преземат мерки за зачувување на тоа како место за светско културно наследство.

Во писмото испратено до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и УНЕСКО, членовите на Европскиот парламент наведуваат дека „со инструментализирање на Света Софија, со цел да изврши притисок врз Европа, Турција недвосмислено покажува активно непочитување на меѓународното право и европските вредности“, пренесува Хина.

Во писмото, европратениците го повикуваат УНЕСКО да преземе „соодветни мерки за зачувување на ова место за светско наследство, како и да ги заштити меѓународните договори и рамката на УНЕСКО, со цел да ги поддржи главните европски вредности и принципи“.

УНЕСКО објави дека на следната седница ќе го преиспита статусот на Аја Софија, која се наоѓа на списокот на светското културно наследство од 1985 година, и жали што одлуката е донесена „без дијалог или претходно предупредување“.

Минатата недела Врховниот суд на Турција ја поништи одлуката на таткото на модерната Турција, Мустафа Кемал Ататурк, од 1934 година, со која Аја Софија престанува да биде џамија и беше претворена во музеј.