И на овие избори не видовме нешто конкретно од понудите. Беа спомнати минимални и максимални плати, ама не кажаа како до нив. Ни кажаа дека ќе се развие стопанството, ама не кажа што, како и каде! Ни кажаа дека ќе имаме поправедно општество, ама не ни кажа како ќе ги отстранат судиите и обвинителите арамии! Не ни кажаа ни како ќе ги мотивираат луѓето за идеи, иницијативи и проекти. Не ни кажаа какви понуди ќе добијат тие поединци и групи кои би сакале да работат во стопанството. Ние имаме фантастични терени погодни за големи ски центри, ама не видовме ниедна идеја, никаква иницијатива, ниту компјутерска анимација како треба да изгледаат и да ги понудиме на странските бизнисмени за инвестирање. Ние имаме повеќе од десет локации со термални води, ама ниеден проект за развој и користење на тие капацитети. Не видовме како ќе ги едуцираме постојните земјоделци и како ќе ги мотивираме младите за таа дејност со модерни методи и технологии. Нашето земјоделство сеуште стагнира во вековната традиција, а светот со голема брзина се менува на овој план. Не видовме како треба да заживее сточарството, а цената на месото и млечните производи констатнтно е висока. Не видовме анимации за селскиот туризам, а многу европски држави oбезбедуваат добри приходи од тоа. Не видовме како можеме да ја експлоатираме водата за пиење како светски стратешки ресурс (сега со повисока цена од суровата нафта). Тоа кај нас сеуште е монопол и ортаклук меѓу инвеститорите и владините криминалци. Дури не видовме како ќе се описмени образованието и како ќе се излечи здравството.
А што видовме во кампањата? Па сешто од непотребното и скоро ништо од потребното. Фалење, празни фрази и слогани, оцрнување на другите, навреди и бомби кои праќаат порака дека има и бетер од нас. ДУИ од немањето што, мораше да го понуди „премиерот Албанец“ (не знам зошто двете други две парти не ги нарекуваа нивните кандидати како „премиерот Македонец“, за да докрај да биде глупо). Ако не можело да биде нормално, барем да било смешно и забавно. Премиерот Албанец требаше да собере незаслужени гласови од лаичката маса, кои априори квалитетот го третира за етничко. Тоа е најголема колективна измама што им се има случено на Албанците последниве 50 години. Не знаеа дека контролата на умот често доведува до неконтрола на безумието. Заев и Мицковски, солидно со нивните изјави го потпомогнаа тоа. Поинаку, кога интегративците би понудиле нешто економско и развојно, многу луѓе би умреле од смеење. Сите знаат, од Брисел до Вашингтон, па и самите гласачи на тој субјект дека полесно може да ве погоди некој метеор или астероид, отколку да видите економска понуда од ДУИ. А уште помалку реализација. Можете да најдете развојни идеи и кај aмазониските племињата Kajaпо, или кај познатото племе Мура, ама кај интегративците ептен тешко. Тие изборите ги третираат како фрлање коска за секого со цел да не лае, ама и да мавта со опашката. Полнеле колку што можеле во околу 70 избирачки места, купувале, изнудиле и пак ваков ризичен резултат. Процентот на излезеност кај Албанците е околу 33 отсто, а во Зајас и во многу други избирачки места на ИЕ-1 и 6 е над 80 отсто. А сите знаат дека во Зајас нема повеќе од 25 отсто гласачи присутни после 20 години бела чума! Во држава каде се почнуваат преговори за членство во ЕУ ова да се дозволи, во најмала рака е политичко самоубивство.
Сите знаат дека постојниот партиски криминал е главен кочничар на реформите во судството и другите институции. Партиските изјави за ветингот обично произведуваат или сочни пцовки или црн хумор. Дејствувањето на тие структури се дел од метастазата за која странците залудно мислеа дека само по себе ќе исчезне. Напротив, таа опфати и други витални органи на општеството, па стасавме до степен на „најгрдо општесто за сите“. Властите се менуваат, а подземните патрони остануваат исти, ама секоја година побогати. И секако сѐ повеќе стануваат надземни. Администрцијата, секоја чест на исклучоците, продолжува да биде полнета со неписмени и полуписмени. Судството се води од луѓе за кои малце да копате по нивното минато ќе можете да се заслепите од блескавиот криминал од нивните претходни функции. Со години и децении во фиоки им беа чувани кривичните пријави, а потоа сменија мислење и сметаа дека сепак токму тие можат да се грижаат за правдата. Исто како што лисицата може да се грижаиза правата на кокошките.
Со години и децении изборите кај албанскиот дел стана чиста фарса. Во суштина тоа е само психолошка војна меѓу чесни и нечесни. Меѓу маса обични граѓани и грст криминалци. Меѓу младите кои бараат нешто ново и неписмените локални и централни функционери на партијата на власт кои со сите сили го чуваат старото. Меѓу надежта за подобра иднина и заробениците на истата. За тие кои ги знаат основните параметри на општата безбедност, ваквата состојба може да ескалира во сериозен безбедносен предизвик. Да останете 20 години со сила на власт без конкретни резултати и дела (освен ако егзодусот не го сметате за успех), не може да заврши поинаку освен со насилство. Овие луѓе (ако воопшто може да се сметат за такви), не ја знаат ни буквата „Б“ од безбедност, ни буквата „Е“ од економијата, ни буквата „О“ од образование, ни буквата „Д“ од демократијата, а ние очекувавме напредок од нив. Исто како да очекувате од волците да ви ги чуваат овците.
Декократијата кај албанскиот дел е сериозно погазена. Слична состојба доведе до конфликт во 2001 година, оти тогаш беше нарушен основниот баланс во власта од структурата „верен до смрт“. Сега пак имаме колективно чувство дека сме заробени како општество од криминална структура која делува како политичка партија. Тоа може да доведе до серизен тероризам. Веќе се случија неколку трагични акти, а најопасното беше кумановското. Мислам дека меѓународната заедница е свесна на тоа. Полнењето кутии, уцените и поткупувањата, реформите и промените ги праваат невозможни, а демократијата банална. Тогаш луѓето ќе почнат спасот да го бараат во вонинституционалните дејствувања. Секој Албанец знае дека ако не добивате амин од албанската партија на власт, не сте никој и ништо, а не сте ни човек. Надвор од ваквата (не)логика, земјоделецот тешко добива субвенции; социјалец тешко добива социјално; трговец тешко преживува од инспектори; професионалец тешко добива работа. Така изгледа општество за сите неправди. Ако не се смени нешто радикално во функционирањето на институциите, насетувам дека ќе влеземе во пеколна зона која овој пат нема да има етнички предзнак. НАТО ни ги брани само надворешните граници, а внатре самите ја имаме одговорноста. Ако продолжиме да шуруваме со криминалот, на крајот и самите ќе станеме криминалци.
Најдобро решение е широка коалиција без ДУИ, на која статусот опозиција ќе и дојде како лек за метастази. Тоа ќе и дојде како на Сахара дождот. И за нив самите е корисно едно генерално прочистување. Поинаку појаки објективи за општа револуција од сега никогаш немало. Не може паметниот да попушти колку што будалата може да стегне. Че Гевара кажал – кога станувате револуционер како поединец – сите ќе ви се смеат и ќе ве сметат за будали. Кога станувате тројца или четворица, ве сметат за фанатици. Кога станувате десетици, тогаш ве сметат за екстремисти. Кога ќе се соберете стотици или илјадници, тогаш сте радикали. И на крајот кога ќе победите, сите тие кои на почетокот ве оговараа ќе се фалат колу се заслужни за вашата победа.