Лидерот на ДУИ, Али Ахмети останува на ставот дека услов за коалицирање на неговата партија е идејата за „премиер Албанец“, но дека сепак сите врати за преговори за формирање на идната влада не се затворени, изјави Насер Зибери, кој пред изборите беше промовиран како кандидат на Демократската унија за интеграција за иден претседател на Владата.
– Според информациите со кои располагам, господинот Ахмети останува на идејата јас да бидам идниот мандатар и досега нема отстапување од таа идеја. Се разбира, не се затвораат сите врати. Впрочем, продуктот создавање парламентарно мнозинство е резултат на преговори и тие преговори ќе ги дадат идните резултати, изјави Зибери во интервју за „Утрински брифинг“.
Според него, Ахмети смета дека државата треба да ги урне последните етнички бариери и да нема резервирана позиција во државата за една или за другата заедница.
– Тоа ќе ги зајакне внатрешните капацитети и државата ќе докаже дека секоја функција е еднакво достапна за секој, додаде Зибери.
Тој вели дека во ДУИ се на ставот оти би било добро да продолжи соработката со досегашниот коалициски партнер, но дека тоа не значи оти е исклучена можноста и за соработка со друг партнер.
– Моја политичка визија за иднината е градење хармонични меѓуетнички односи и на простор каде што секој ќе се чувствува рамноправен. Но, во исто време, и градење надворешна политика како НАТО и ЕУ. Овие се приоритети без кои не се може понатаму, а тоа подразбира дека навистина треба да се залагаме на внатрешен план да изградиме такви инструменти кои ќе обезбедат перспектива за сите граѓани, а на надворешен план некои клучни прашања кои ни гарантираат перспектива за градење европски вредности не можат да бидат доведени во прашање, а не дај Боже и да се поништат – како Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и други елементи кои одат во функција на градење ваква политика со вакви определби. Овие прашања се темел за градење на иднината на земјата, тука нема простор за преговори. Секој субјект што може да се најде во овие определби е наш потенцијален соработник, вели Зибери.
Околу можноста СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да си „дадат“ пратеници и во коалиција со другите албански партии, ДУИ да се остави во опозиција, Зибери вели дека за нив како партија не е најважно дали ќе бидат дел од идната владина коалиција, но додава дека никој нема право да тргува со „главите“ на народните избраници.
Тој нагласува дека меѓу партиите на Албанците постои „џентлменски договор“ оти оној што ќе добие макар еден глас помалку, ќе се помири со фактот дека ги изгубил изборите и дека „нема да чека на ред кој мандатарот за покана за преговори за составување на идната влада“.
– На тој план политичките партии на Албанците имаат еден консензус. Дали ќе опстои, не можам да гарантирам, но секако се свесни за реперкусиите и политичката перспектива која може да им се случи доколку без легитимитет бидат носители на извршната власт, а ДУИ ја потиснат во опозиција. Можноста од преземање пратеници од лево кон десно или десно кон лево, мислам дека би било најлошата услуга што може да ѝ се случи на државата. Ние сме длабоко убедени дека волјата на граѓаните треба да се испочитува и немаат право ниту Заев, ниту Мицкоски, ниту Ахмети да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада. Треба да се почитува и начелото победник со победник, додаде Зибери.
Според него, прв приоритет на новата влада треба да биде „соочување со тешките разорни ефекти од пандемијата на здравствен и економски план“.
– Сакаме да ги зајакнеме капацитетите на здравствен план. Тоа да не биде само морална и техничка поддршка, туку и финансиска, не само на градење на капацитети, туку и материјално на луѓето кои први се на штитот од пандемијата, истакна Зибери, нагласувајќи дека минималната плата за медицинскиот кадар со средно образование не треба да не биде под 600 евра.
Тој потенцира дека мора да се врати довербата на граѓаните во правниот систем, за што, според него, прв приоритет треба да биде справување со криминалот и корупцијата.
– Тој процес ќе почне од правосудството, носителите на јавни функции од влада до пратеници и директори на јавни установи и тој процес сметам дека може да ја поправи сликата за носителите на јавни функции. Се има впечаток дека судството често пати своите одлуки ги носи од политички или етнички аспект. Мора судството како трета власт да функционира независно и граѓанинот да има доверба дека кога ќе чукне на вратата на судот, ќе се почитува словото на законот. Тука зборуваме и за воведување на еден посебен суд кој ќе ги преиспитува одлуките за кои засегнатите странки смета дека од политички или етнички побуди се мотивирани одлуките, вели Зибери.
Според него, никој нема да биде поштеден од борбата против корупцијата и таа може да „загрози и функционери на ДУИ“.
– Мислам дека враќањето на довербата во владеењето на правото е услов за одење напред. Ние сме на прагот на отворање на преговорите (со ЕУ). Тоа се првите начела за отворање на преговорите. Владеењето на правото е приоритет без кој не може да се оди напред, изјави Зибери.