ГРАД СКОПЈЕ: Обновени сите 19 мостови во Градскиот парк со донација од Халкбанк

Сподели

 

Град Скопје со донација од Халкбанк целосно ги реконструира сите 19 пешачки мостови во вториот дел од Градскиот парк.

 

 

– Со нашиот партнер Халкбанк, која важи за општествено одговорна компанија, пред неколку месеци ја почнавме, а сега веќе целосно ја завршивме реконструкцијата на сите 19 дрвени мостови во вториот дел од Градскиот парк. Самата реконструкција опфаќаше целосна обнова на дрвената подлога, со материјали коишто се поотпорни на климатските промени, поиздржливи, како и целосна обнова на  металната конструкција и премачкување на металните површини со боја која овозможува нивна заштита од корозија. Ги направивме дел од мостовите достапни и за велосипедистите и за лицата со отежнато движење со поставување рампи, така што го направивме паркот достапен за сите наши граѓани – изјави Шилегов.

 

 

Тој додаде дека ова не е прва соработка на Градот Скопје со Халкбанк, и дека ќе продолжат и во иднина да работат на други проекти.

-Очекувам општествено одговорните компании, како што е  Халкбанк,  и во иднина да го помагаат Градот, бидејќи и вработените и самите фирми се токму овде во Скопје и се негови жители, со цел заедно да успееме ние како институција, општествено одговорните фирми како такви и граѓаните, овој дел од градот, односно  паркот каде што ни е најдостапна природата во рамките на урбаната средина да го направиме едно  попристојно, поубаво место. Имајќи во предвид дека е сериозно зголемена фреквенцијата на граѓаните во него во време на пандемијава ги повикувам и граѓаните заедно да го чуваме ова богатство коешто го имаме во срцето на нашиот град – кажа Шилегов.

 

 

Според Билал Суџубаши, првиот човек на Халкбанк, во агендата на општествено одговорни активности на банката еден од приоритетите е поддршката на проекти што придонесуваат за здрави животни навики и заштита на животната средина.

Градскиот парк е сигурно најубавото место во Скопје, зелена оаза, место за прошетки, за спортување, рекреирање и уживање на граѓаните. Бидејќи како банка настојуваме со нашите општествено одговорни активности да поттикнеме здрави животни навики и да придонесеме за заштита на природата, со задоволство прифативме да помогнеме на Град Скопје во реализација на проектот за реновирање на 19 мостови во вториот дел од паркот. Ова е втора активност која со наша поддршка ја спроведува Град Скопје, минатата година ја поддржавме кампањата за бесплатно подигање на остатоците од бербата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување – кажа  Суџубаши.

 

 

Реконструкцијата на сите 19 мостови е целосно завршена, а вредноста на донацијата изнесува околу 2 милиони денари.