Вечерва во Младинскиот културен центар, со почеток од 20 часот ќе се одржи промоцијата на Денис Бојаров, „Нека играат децата“.
Промотор на книгата ќе биде македонската авторка Фросина Пармаковска, а модератор на дискусијата е Софија Стојков од Книжевниот центар Антолог.
„Вешто, мајсторски и со префинет стил, Бојаров пишува за потесното и поширокото семејство на начин на кој никој не пишувал долго време. Се работи за поучни раскази што носат многу силна порака и што ќе ви послужат да ги стоплите односите во семејството, ќе ја разбудат емпатијата во вас, ќе ве потсетат, научат и освестат за вашиот однос и внимание кон децата, животните и природата, ќе ви овозможат да доживеете душевен ораториум,“ пишува писателот Венко Андоновски за книгата.
„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот, воопшто.
„Но, она што е особено впечатливо, е умешноста на тие раскази за обраќање директно кон емоцијата на читателот, кој ги препознава ликовите од нашето поднебје, настаните што може да бидат и туѓи и на нашите блиски, и лично наши и на авторот и на раскажувачот, и токму ваквата идентификација не само што не нѐ остава рамнодушни туку и создава силна врска меѓу нас.
Праќањето порака преку зборовите, комуницирањето на авторот со читателот во и преку текстот, секако, на еден начин што е суптилен, скриен и деликатен е одлика на веќе изградените писатели“, вели писателката Фросина Пармаковска.