Анализата што ја објави блогот „Дигитална Дипломатија“ покажува дека официјалните профили на социјалните мрежи на Република Северна Македонија имаат најдобра дипломатска пракса. Со умешна комуникација на дипломатијата и нивните дипломатски активности, тие го заслужуваат највисокиот рејтинг на сите рангирани субјекти.
Оттаму појаснуваат дека рангирана е и вештината на комуникација на социјалните мрежи, како и квалитетот на содржината објавена на истите, но и нејзиниот целосен дострел. Во тој поглед, особено за време на мандатот на поранешниот премиер Зоран Заев, ДД ги потенцира профилите на Министерството за надворешни работи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Пораките се создадени така што тие јасно покажуваат вистински настани, нема здодевни фотографии од ракувања при официјални приеми, нема класични најави во стилот на официјални медиуми, а веќе на прв поглед може да се види присуството на јасна комуникациска стратегија. Професионалната и, не само за регионалната рамка, одличната практика на дигитална дипломатија ги освои сите наши симпатии, потенцираат од Дигитална Дипломатија во анализата.
„Посебно би сакале да го истакнеме Твитер профилот на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, за време на мандатот на Никола Димитров, кој доби признание од нас за најдобро управуван регионален профил #digitalnadiplomatija во набљудуваниот период“ истакнуваат од ДД.
Во анализата направена во периодот 2017-2019 година која ги опфаќа државите на поранешна Југославија, покрај утврдување на квантитативни податоци за бројот на различни канали на социјалните мрежи, бројот на следбеници и населението, како и нивната врска, исто така, користени се одредени квалитативни параметри со цел да се прикаже реалната слика. Направена е анализа и проценка на веб-страниците на Министерствата за надворешни работи, комуникациите на официјалните канали, како и дипломатијата во потесна смисла, односно дипломатското однесување и дипломатската комуникација на овие канали.
Анализата ги опфаќа социјалните мрежи: Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Перископ, LinkedIn, Snapchat и YouTube. Тик Ток е вистински хит меѓу светските лидери и меѓународните организации, и додека голем број од нив отворија профили, регионалните сè уште не ја „откриле“ оваа нова платформа, покажува анализата.
Институциите што ги анализирале во секоја од државите, во зависност од државната структура се: претседателство, влада, министерство за надворешни работи, вклучувајќи претседатели, премиери, министри за надворешни работи и истакнати лица кои практикуваат дигитална дипломатија, појаснуваат од ДигиталнаДипломатија.
„Како прв критериум и оваа година, го земавме делот со бројот на следбеници на службените профили според бројот на жители, а во моментот на набудување, најдобри беа претставниците на привремени приштински институции чиј коефициент е 1,47 (1,47 жители по следбеник). Следуваат Хрватска со 2,56, Северна Македонија со 4,34, Црна Гора со 4,86, Словенија со 5,21, потоа Србија со неочекувано висок коефициент од 10,38 и Босна и Херцеговина со највисок коефициент од 59,10, што следствено, донесе најмалку поени во овој критериум“ се вели во анализата.
Како втор критериум за проценка е спектарот на различни социјални мрежи користени од официјалните профили. Па така, Словенија има профили на 7 различни социјални мрежи и платформи, а потоа следат Хрватска со 6, Црна Гора и Србија со по 5, Косово и Северна Македонија по 4, додека Босна и Херцеговина е со само 3 различни мрежи (Инстаграм, Твитер, Фејсбук), стои во анализата.
„Највисоките поени во нашето рангирањето од 7,2 заслужено ги освои Северна Македонија, чии институции, што ќе се види од посебен преглед на начинот на комуникација, вложија значителен напор и добро осмислената стратегија јасно покажа дека дигиталната дипломатија е регионална. Следна е одличната Хрватска со 7 бода, која беше шампион на претходната анализа, но во играта на нијанси, овој пат предноста беше на страната на Северна Македонија, рамо до рамо во регионалната рамка се институциите на Република Словенија со 6,8 поени. Косово и Метохија на четвртата позиција со 6,6 поени. Петтото и шесто место со ист број на поени 6.2, ги делат Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина е со само 4 поени, поради јасни причини за непостоење на службени профили и официјална стратегија за комуникација“ се заклучува во анализата.