Флоразон и Комунална хигиена ќе постават 75 корпи за отпад на маски и ракавици

Сподели

 

Центарот за еколошка демократија Флоразон во соработка со Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје, денеска започнуваат со поставување 75 специјализирани корпи за одлагање отпад од заштитна опрема – маски и ракавици на целата територија на државата.Триесет канти ќе бидат поставени во Скопје.

Од граѓанското здружение Флоразон велат дека сакаат директно да влијаат на потикнување на општествената одговорност. Одлагањето на заштитните маски и ракавици во Скопје, ќе го спроведува ЈП Комунална Хигиена, од каде апелираат отпадот да биде уредно спакуван и да се фрла само во кантите кои се специјализирани за оваа намена.

Претседателот на Центарот Флоразон, Кирил Ристовски изјави дека преку овој проект сакаат директно да влијаат врз намалувањето на ризиците од понатамошно ширење на коронавирусот, а истовремено да влијаат и врз намалување на т.н. ковид отпад.

-Сакаме да ја поттикнеме општествената одговорност кај приватниот и јавниот сектор и воедно преку тоа да влијаеме врз јакнење на јавната еколошка свест и да укажеме на слабостите на актуелните практики на самиот систем за управување со отпад, рече Ристовски.

Граѓанското здружение потпиша меморандум за соработка и со јавните комунални претпријатија во Куманово, Охрид, Кичево и Струга.