На светот, сè повеќе, му нужна жестока и секојдневна критиката на потрошувачко општество. Критика која ќе ја деконструира сеопфатната контрола од капиталот врз политиката, економијата, културата и поединците.
Критика на синтезата на капиталот и технологијата, како нов облик на општествено-политичка доминација и контрола. Критика на неоколонијализмот, како форма на владеење со светот и максимална експлоатација на луѓето и природните ресурси. Критика од која ќе се сфати дека наместо „чизмата која го гмечи човечкото лице“ во потрошувачко општество контролата на однесувањето се врши преку техниките на контрола на мислењето, односно преку „одземање на смислата“ на сето она што како мисла и пракса е спротивно и неприфатливо за диктатурата на капиталот.
Со воспоставувањето, скоро целосна, општествена контрола преку инструментализацијата на образованието, културата и медиумите, потрошувачкото општество веќе нема потреба да го надгледува и контролира секој аспект на животот. Луѓето се станати послушни самите од себе. Егзистенцијалниот страв ги прави мнозинството луѓе низ светот послушни поданици, кои молчешкум се клањаат на сопствениот експлоататор и крвник. Тие преку своите поднички мисли и постапки ја претвораат грдата стварност во нешто што им е прифатливо, па дури се убедени дека им користи на нивните интереси и функции. Луѓето потполно ја жртвуваат својата слободна мисла и своето човечко достоинство на олтарот на интересите на корпоративниот капитал и нивните класни и национални држави. За нив ропството е слобода, а лагата вистина. Луѓето не зборуваат спротивно од она што го мислат, туку мислат и зборуваат спротивно на вистината и универзалната правда. Едноставно речено, денешната контрола на мислата во потрошувачкото општество е „мека“, забавна, повеќеслојна и сеприсутна, за разлика од грубата и бесконечно здодевна пропаганда од некои изминати времиња.
Макс Хоркхајмер во една негова малку позната расправа: „Thesen über Bedürfnis“ („Тези за потребата“) од сега веќе далечната 1942 година, објаснува дека „масовната култура“ не треба да е подложна на критика затоа што им дава премногу на луѓето, или дека нивниот живот го прави премногу „безбеден“ и дека таквата критика се препушта на некаква „лутеранската теологија“, туку затоа што придонесува луѓето „да добиваат премалку и отповеќе лошо, што цели слоеви однатре и однадвор живеат во страшна беда, што луѓето се помируваат со неправдата, што светот го држи во исчекување, од една страна на гигантска катастрофа, и од друга дека преку завера една елита ќе им донесе сомнителна состојба на мир.“ Тој ја фаворизирал тезата дека ако се прави разлика меѓу материјалните и идејните потреби кај луѓето, тогаш „без сомневање, мора да се инсистира на остварување на оние материјалните, оти нивното остварување ја вклучува и општествената промена. Тие, така да се каже, го условуваат вистинското општество, кое на сите луѓе им нуди најдобро можни животни услови. На крајот, тоа е идентично со елиминирање на лошото владеење.“ Поинаку кажано, борбата против масовната култура може да се води само со докажување на нејзината поврзаност со понатамошното постоење на социјално-економската неправда и елиминирање на таквата неправда.
Потрошувачката на материјални нематеријални добра во денешнава ганстерска цивилизација има двострана улога: од една страна таа е агент на општествената контрола, а од другата активно ја создава и негува потрошувачката култура. Економскиот систем се репродуцира преку потрошувачката и во тој поглед секој производ е идеолошки материјал. Отпорот постои, ама е слаб и се сретнува претежно во културната сфера, а не во економско-социјалната и политичката. Имено, не се сите „потрошувачи“ толку лесноверни и еден дел од нив се потполно свесни и критични кон нееднаквостите и неправдите кои конзумеризмот ги генерира. Очигледно е дека потрошувачкиот капитализам функционира врз основа на лажната и искривена свест за смислата на животот и функционирањето на светот, која свест, најчесто, незабележливо ја имплементира преку сложениот политички, образовен, социјален спортски и културен систем на уредување на светот и животот во него. А, отпорот на овој систем, отпорот на „новиот светски поредок“, денес значи, не само заземање и јавно изнесување на политички став против диктатурата на капиталот и нејзините политички и интелектуални експоненти, туку и лична пожртвуваност во борбата за правда, вистина и еднаквост.