Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети објавија дека постигнале договор за владина коалиција, од која дел ќе бидат и партиите од коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ и ДПА на Мендух Тачи.
Заев вчера по средбата со лидерот на ДУИ Ахмети изјави дека ја прецизирале и потврдиле рамката за идната соработка меѓу владината коалиција.
-Меѓу СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ постигнат е коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на новата влада со полн мандат која во следните четири години ќе работи посветено на интересите на граѓаните и на државата, рече Заев, кој посочи дека ќе ја предводи владата во следните четири години.
Нивниот договор треба да го потврдат највисоките тела на партиите. СДСМ, додаде Заев, договорот ќе го презентира и пред партиите дел од коалицијата „Можеме“, како и пред ДПА, како иден владин партнер.
Договорот помеѓу СДСМ и ДУИ треба да го потврдат највисоките тела на партиите, веќе во текот на денешниот ден, како што најавија двајцата лидери. Заев изјави дека договорот ќе го презентира и пред партиите дел од коалицијата „Можеме“, како и пред ДПА, како иден владин партнер.
Али Ахмети – ДУИ по средбата изјави дека е многу убеден дека оваа коалиција, ова партнерство за уште четири години ќе биде најуспешното.
– Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и поздравувам дека ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада, рече меѓу другото Ахмети, додавајќи оти идејата била да се доближат граѓаните и заедниците, а не да се раздвојат.