Финска ги суспендира летовите од Скопје до 29 август

Сподели

 

Финска ги суспендира летовите од Северна Македонија до 29 август поради зголемениот број заразени патници со Ковид-19 кои доаѓаат од земјата во последниот период.

Финскиот министер за транспорт и врски Тимо Харака, изјави дека одлуката е донесена од Агенција за транспорт и врски Трафиком, а врз основа на анализата на Националниот институт за здравство.

Суспензијата на летовите следува два дена откако уште 17 патници кои пристигнале со летот на Визер од Скопје во Турку во вторникот биле позитивни на Ковид-19. Тестирани биле 113 од вкупно 127 патници во авионот, и сите се ставени во карантин.

На последните четири лета од Скопје до Турку се регистрирани 60 случаи на корона вирус. На првиот лет на 8 август по доброволното тестирање на сите кои пристигнаа од Скопје позитивни беа 26 лица, на вториот на 11 август пет, а на 18 август уште 12.

Најголем дел од патниците во четирите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска. Иако, македонски државјани не се меѓу заразените патници, финските власти ја класифицираа Северна Македонија како земја со висок ризик, поради големиот број случаи на Ковид-19.

Освен привремената суспензија на авиолинијата Скопје-Турку која се реалзира двапати неделно, во вторник и во сабота, Финска воведе ограничувања и за летовите од Исланд, Грција, Малта, Германија, Норвешка и Данска.