Авион за итни медицински потреби полета од Германија за Русија за да го транспортира лидерот на руската опозиција Алексеј Навални, кој од вчера е хоспитализиран и се наоѓа на интензивно лекување поради труење, на што се сомнева, пренесува Макфакс.
Спасувачкиот авион бил испратен од баварскиот град Нирнберг во 3.11 часот, јави германскиот дневен весник „Билд“.
Руските лекари проценуваат дека во моментот состојбата на лидерот на руската опозицијата Навални е стабилна, но тешка, соопшти синоќа Министерството за здравство од регионот Омск, додавајќи дека специјалисти од Москва денеска ќе дојдат во Омск на дополнителна консултација за тоа дали тој може да биде транспортиран.
Претходно, руските лекари рекоа дека неговата состојба во моментов не дозволува транспорт, што наиде не жестока реакција од семејството на Навални, кои тоа го нарекоа директна закана по неговиот живот.
Алексеј Навални беше хоспитализиран вчера утрото под сомнение дека е затруен пред да се качи на лет од Томск за Москва. Германската канцеларка Ангела Меркел претходно изјави дека Германија е подготвена да му пружи медицинска помош на Навални, доколку добие барање да го стори тоа.
„Ако тие побараат, ние ќе обезбедиме медицинска помош, вклучително и во германските болници, но мора прво да добиеме барање“, изјави Меркел.