Вечерва на 60.издание на Охридско лето во Црквата Св.Софија со почеток од 21.часот гостува италијанското дуо Масимо Мерчели-флејта и Лоренцо Бавај-пијано.
***Масимо Мерчели-флејта
Масимо Мерчели е еден од ретките флејтисти во светот кому му се посветени бројни дела од некои од најпознатите композитори на денешнината како: Пендерецки, Губајдулина, Глас, Ниман, Бакалов, Мориконе, Галијано, Солима кои покрај тоа што пишувале за него, често и настапувале покрај него на концертните сцени.
На само 19 години, Мерчели е назначен за прв флејтист на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, а победник е на неколку значајни меѓународни натпревари за флејтисти воИталија.
Како солист настапувал во некои од најпрестижните концертни сали во светот како: Карнеги Хол, салата на Минхенската филхармонија, салите во Берлин, Пекинг, Буенос Аирес, Амстердам, Мадрид, Женева, Лондон, Рим, Санкт Петербуг, Москва и многу други, под диригентските палки на: Валериј Гергиев, Кшиштов Пендерецки, Филип Глас, Мајкл Ниман, Масимо Кварта, Енио Мориконе и др. Настапувал со оркестри како Берлинската филхармонија, во големата сала на Московскиот конзерваториум со Гидон Кремер и Јури Башмет, а неколку пати бил на турнеја со ансамблот „Италијански виртуози“, под диригентската палка на Пендерецки изведувајќи ја неговата Синфониета за флејта и гудачки оркестар. Неодамна остварува настап во Лондонскиот „Вигмор Хол“ и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург, одржува мајсторски курс во Фондацијата „Ростропович“ и премиерно го изведува делото „Фасади“ од Филип Глас во придружба на самиот композитор на пијано. Во 2012 година Оринџ Маунтин Рекордс го издава ЦД-то со наслов „Мерчели го свири Филип Глас“ кое содржи музика за флејта од овој композитор.
Мерчели е член на жири комисии на меѓународни натпревари за флејта во Париз, Њујорк, Женева и Пекинг, а често одржува мајсторски курсеви на најпознатите музички академии во светот.
Тој е уметнички директор на Фестивалот во регионот Емилија-Романа, а од 2001 година е член на управниот одбор на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) во која од 2011-2017 ја извршува функцијата на нејзин потпретседател.
Актуелните ангажмани на Масимо Мерчели вклучуваат снимање на ЦД со сонатите за флејта на Бах со Рамин Бахрами, како и премиера на концертот за флејта од Софија Губајдулина кој му е посветен токму нему.
За работата како промотор на музиката добитник е на одликувања од комесарот на Европската комисија за култура Јан Фигел како и од заменик министерот за култура на Франција.
***Лоренцо Бавај-пијано
Роден во Италија, Лоренцо Бавај започнува да студира пијано на Конзерваториумот „Џоакино Росини“ во Пезаро и на 18 годишна возраст дипломира со највисоки оценки. Продолжува да студира со Станислав Нојхаус на Виенскиот конзерваториум и со Татјана Николаева на Академијата „Моцартеум“. Студира музичка теорија на Универзитетот во Болоња, а оргули, композиција и диригирање во Пезаро. Кариерата како концертен пијанист ја започнува по победите на неколку интернационални натпревари по што настапува во родната Италија, но и во Русија, Полска, Германија, Норвешка, Шведска, Бугарија, Шпанија и Шкотска. Соработува со истакнати уметници како Лео Нучи и Монсерат Кабале, а од 1989 година е редовен концертен партнер на големиот светски тенор- Хозе Карерас. Со него настапува на сите континенти, во оперските куќи во Лондон, Париз, во „Ла Скала“- Милано, во Римската опера како и во бројни концертни сали во Европа и Азија. Лоренцо Бавај е уметнички директор на неколку италијански фондации и асоцијации, професор е на академијата во Пезаро и често одржува мајсторски курсеви во Италија и Јапонија.