Триесет и шест загинати и 147 повредени е последниот биланс од синоќешниот терористички напад на истанбулскиот аеродром „Ататурк“.
Според првичните анализи, нападот кој беше извршен синоќа околу 22 часот, најверојатно е дело на припадниците на Исламска држава, соопшти турскиот премиер Бинали Јилдирим.
Тој рече дека досега никој ја нема преземено одговорноста за нападот, но оти сите докази укажуваат дека е дело на ИД. Меѓу загинатите има и странци, но засега не се откриваат повеќе детали.
Како што соопштија турските власти, напаѓачите, кои со такси пристигнале на аеродромот, прво отвориле оган врз патниците и обезбедувањето на влезот од меѓународниот терминал на аеродромот, а потоа го детонирале експлозивот што го носеле на себе.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика меѓународната заедница да покренат „заедничка борба“ против тероризмот. Западните сојузници на Турција, вклучувајќи ја и САД, најостро го осудија нападот.
Ова е најсмртоносниот напад на Истанбул од почетокот на годинава. Во последните шест месеци градот беше трипати погоден од терористички напади, од кои два беа дело на ИД, а еден на курдска милитантна организација.