Новата Влада отвори фронт против криминалот и корупцијата и во тој процес важни ни се сите, важни се институциите, медиумите, сите алки во општеството, за да обезбедиме редот и законот да важат за сите, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев во гостувањето во емисијата „Отворено студио“ на Националната телевизија.
Како еден од главните приоритети, премиерот Заев ја истакна потребата од прочистување на судството, процес кој може да се спроведе и преку постоечките закони.
„Со веќе постоечките закони може да се направи целосно прочистување на судството. Судскиот совет има механизми, има можност да види кој застарувал предмети и има право да носи одлуки за разрешување и казнување. Во процесот сигурно може да се вклучи и Советот на јавни обвинители, како и Државната комисија за спречување на корупцијата и Управата за јавни приходи пред сè преку проверката на потекло на парите и капиталот на судиите и обвинителите, но и на сите други јавни функционери“, подвлече Заев.
Заев ја потенцира важноста од зголемување на ефикасноста на судскиот систем, којашто освен што е важна за правдата, важна е и за враќање на довербата на граѓаните кон правосудството.
„Ефикасноста на судството мора да се подобри, не смее да се дозволи предмети да застаруваат. Новиот Закон за Јавно обвинителство е донесен и во него се содржани сите решенија за сите отворени случаи, но и истраги. Ако во судска постапка преку докази и аргументи се докаже вина, ќе одговара секој, но ако нема докази, нема аргументи, тогаш тој не е виновен. Но мора да има пресуди за сите предмети, тоа го очекуваат граѓаните“, посочи Заев додавајќи дека обвинителствата, особено Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, мора да биде целосно екипирано, вклучувајќи го тука и ангажирањето на истражители и стручни соработници.
Премиерот Заев истакна дека силната определба на Владата за ред, правда и дисциплина се докажува и со назначувањето на потпретседател на Владата задолжен за борба против криминал и корупција, кој ќе има задача да ги координира сите институции под надлежност на извршната власт со цел да се максимизираат капацитетите во борбата против корупцијата.