Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа. Кризата наметната со КОВИД-19 ги забрза овие трендови, а потребата за јасна стратегија за одбрана на либералната демократија стана итна како никогаш досега.
Во 1947 година, две години по десеткувањето на Хирошима и Нагасаки со нуклеарни бомби, „Журналот за атомски научници“ го претставил Часовникот до Судниот ден. Целта била да се информира дека светот е на раб на уништување и да се поттикнат дејствија за „враќање на времето“. Во денешно време треба да се разгледа потребата да се создаде часовник што ќе покажува колку блиску до колапс се нашите демократии. Стрелките на тој современ „Часовник до Судниот ден за демократијата“ брзо би се приближувале кон полноќ.
Либералната демократија се заснова на идејата дека доколку поединците разумно постапуваат во сопствен интерес ќе се добијат добри резултати. Меѓутоа, скоро секој аспект на оваа премиса е разјаден во последниве години. Како прво, стагнацијата на приходите што е присутна насекаде и енормно зголемената нееднаквост, особено после финансиската криза во 2008 година, баш и не се резултати што би ги избрале повеќето разумни луѓе.
Покрај тоа, намалената доверба во институциите ги подрива условите што им се потребни на поединците за да донесат информирани одлуки. Традиционалните медиуми, кои долго време очекувавме да служат како заштитници на информираноста, веќе се преиначени или сосема истиснати од онлајн извори чијшто модел на работење се заснова на тоа да привлечат читатели со тоа што им нудат атрактивни содржини адаптирани на нивните верувања и интереси, честопати преку ширење лажни информации или вести што наведуваат на погрешни заклучоци.
Во овој контекст, политичките лидери кои се обидуваат да посредуваат во постигнување компромис, честопати губат од оние кои сеат страв и величаат покажување силна лојалност кон сопствената општествена група, односно промовираат трибализам. Сето ова создава чувство на ограничен личен интерес, кое честопати дури и самото себе се побива, па затоа потребните компромиси за градење широки коалиции стануваат речиси невозможни.
Овие трендови во либералните демократии предизвикаа наплив на сè поизразена политичка поларизација, опаѓање на довербата во владеењето на правото и широко распространето институционално распаѓање. Кризата со КОВИД-19 предизвика забрзување на сите овие текови. Пандемијата зададе нови разорувачки удари врз веќе нарушениот углед на либералните демократии кои беа перципирани како бастиони на релативен просперитет, предвидливост и безбедност.
Предизвиците се добро познати. Сепак, дури и дискусиите за падот на демократијата станаа поларизирани до крајност. Во САД, републиканците и демократите неодамна ги одржаа своите конвенции за номинација на кандидати за претседател, а голем дел од конвенциите го потрошија на укажување дека нивните противници се решени да ја уништат американската демократија.
Всушност, целата претседателска кампања во САД се карактеризира со речиси апокалиптична реторика, и обете страни го користат како оружје јазикот на либералната демократија – права, слобода, владеење на правото, за да ги прикажат своите противници како егзистенцијална закана за американскиот начин на живот. Ова е одраз на поширок тренд кон поврзување на одбраната на демократијата со изборите. Иако овој пристап ни одблиску не претставува веродостојно решение, тој сега отелотворува етос во кој едниот ќе победи само затоа што другиот ќе изгуби, односно нулта-сума ситуација, што само ги продлабочува поделбите што веќе ја осакатуваат демократијата.
Злокобните предупредувања, дури и оние што се втемелени во реалноста, никогаш нема да бидат доволни за да се спаси либералната демократија. За тоа ќе биде потребна долгорочна стратегија што цели кон обновување на основите на системот: резултати од добро управување засновано на одлучување со помош на разум и точни информации.
Образованието и мобилизацијата се составен дел од таа стратегија. Неодамнешните настани, од општата подготвеност да се следат насоките за одржување на јавното здравје до широко распространетите протести против системскиот расизам, укажуваат на тоа дека населението е подготвено и сака да прејде на дело. Меѓутоа тие напори нема да значат ништо доколку не се постигнат подобри резултати, а за тоа политичките лидери ќе мора да ги решат системските недостатоци, почнувајќи од оние што ја разгоруваат нееднаквоста.
Клучот за успехот и за издржливост на демократијата е да се зајакне поврзаноста помеѓу владата и општеството. За тоа, пак, потребно е добро да се проучи концептот на граѓанство.
Како што изјавил италијанскиот политичар и државотворец од XIX век, Џузепе Мацини, либералната демократија може да фати корен и да процвета доколку не се темели само на права, туку и на должности. Граѓаните мора да бидат поврзани едни со други преку повисока кауза. За Мацини, кој помогнал да се постигне обединување и независност на Италија, таа кауза била правото на нацијата на самоопределба. Американскиот претседател Вудроу Вилсон се надоврзал на ова и тоа на меѓународно ниво, по Првата светска војна, со поставување на темелите на нешто што подоцна ќе прерасне во либерален светски поредок.
Меѓутоа, овие напори не треба да се базираат на национализам. Точно е дека денес гледаме политичари кои прибегнуваат кон етнички национализам како начин за поделба на населението. Впрочем, треба да постои чувство дека сите имаме одговорност повисока од нас самите и едни кон други. Тоа верување овозможува да постои функционално и просперитетно либералното демократско општество.
Во пракса, овој пристап треба добро да се осмисли и да се реализира преку секојдневни активности. Тоа значи зближување на заедниците, преземање обврска за ангажирање и општа совесност. Нема да биде лесно и сигурно нема да се постигне со едни избори, дури ни со претседателските избори во САД во ноември. Но, тоа не е изговор да не се потрудиме и да подлегнеме на центрифугалните сили што нè раздвојуваат.
Винстон Черчил еднаш духовито забележал дека либералната демократија е најлошата форма на владеење, единствено полоши од неа се сите други форми на владеење. Можеби не е совршена, но неспорно е дека заслужува да ја спасиме. А времето ни истекува.