Пендаровски-ССНМ: Нападите врз новинарите да се третираат како кривични дела

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во „Вила Водно“ прими претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

 

 

На средбата се разговараше за состојбата со медиумските слободи во Северна Македонија, синдикалното организирање, како и условите во кои работат новинарите и медиумските работници.

Беше дискутирано за прашањата кои е потребно да се уредат во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, како и за овозможувањето на соодветни услови за новинарите слободно да ја вршат својата работа, со оглед на тоа дека медиумските слободи се уште остануваат предизвик за кој е потребен ангажман на сите засегнати страни со цел изнаоѓање на долгорочни решенија.

Претставниците на ССНМ го информираа претседателот Пендаровски за иницијативата на која работат заедно со останатите релевантни медиумски организации за измена на одредбите во Кривичниот законик, со цел нападите врз новинари и медиумски работници да бидат истражувани по службена должност.

Претседателот Пендаровски даде поддршка за измени во Кривичниот законик со кои ќе се овозможи нападите врз новинарите и медиумските работници да се третираат како кривични дела кои ќе се гонат по службена должност.

Исто така, на средбата се разговараше и за работата на новинарите и медиумските работници во услови на КОВИД-19, при што беше истакната важноста на медиумите за известување во време на пандемии и непогоди. Дополнително беше нагласено дека сите институции, организации и компании кои ги канат медиумите на своите настани е потребно да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од КОВИД-19 и да се обезбедат соодветни услови за медиумите да ја извршуваат својата работа.