Целиот свет во моментов пати од последиците на пандемијата. Изолацијата си го прави своето врз менталното здравје, додека затворањето на јавниот живот ја погодува економијата на секоја земја.
Глобалната трговија и инвестициите како и државните приходи се намалуваат, а, пак, на зголемувањето на јавниот долг не му се гледа крајот. Некои истражувачи ја сметаат пандемијата како трет најголем глобален инцидент во 21 век, по 11 Септември и светската финансиска криза од 2008 година. Во потесна економска смисла, една долга криза подразбира банкротирања и големи штети во индустријата како што се трговските центри, ланците за снабдување на мало и туристичките патувања. Колку подолго трае изолацијата и рестрикциите, толку потешка станува економската состојба, на микро и на макро ниво.
Голема дилема за сите држави претставува: како да се заузда вирусот а притоа да се поттикне економско закрепнување?
Нагло затворање
Првиот случај на КОВИД-19 се појави на Косово на 13 март 2020 година, а бројот на заразени досега постојано се зголемуваше. Вкупниот број на позитивни случаи на Косово во моментов е 15.172, од 57.239 сомнителни лица со вирус и 615 смртни случаи. Превентивните мерки за ширење на вирусот на Косово започнаа со појавувањето на првите случаи. На 11 март беше одлучено: да се затворат образовните институции, да се суспендира воздушниот и копнениот сообраќај од странските ризични земји, да се спроведе задолжителна контрола на патниците од земјите погодени од епидемијата и да се спроведе задолжителна самоизолација за лицата кои доаѓаат од државите погодените од вирусот.
А, пак, на 15 април стапи на сила строгата мерка за ограничување на слободата на движење, почнувајќи со дозволени 90 минути на ден со постепено зголемување според проценката на состојбата со пандемијата. Проценувајќи дека со пандемијата добро се управува, на 4 мај со одлука на Министерството за здравство започна постепеното економско отворање. Најпрво беше дозволено да работат градежништвото, трговијата на мало, гастрономијата, додека, пак, во подоцнежните фази се дозволи да работат и трговските центри, спортските сали, јавниот и железничкиот превоз итн.
Со донесувањето на рестриктивни мерки во март 2020 година, во Косово имаше пад на економската активност при што ефектите се гледаат во зголемувањето на невработеноста, зголемувањето на бројот на граѓаните со влошени услови за живот, намалувањето на агрегатната побарувачка и производството, намалувањето на приходите и капиталните инвестиции и многу повеќе. Кај буџетските приходи, значително намалување во текот на пандемијата имаа приходите од ДДВ и царинските давачки.
Додека, пак, кај буџетските расходи, значително намалување имаа капиталните расходи, каде што на централно ниво намалувањето беше за 51,3%, додека на локално ниво за 30%. Бруто домашниот производ, кој во 2019 година на Косово, беше над 7,1 милијарди евра, во буџетот за 2020 година беше планирано да се зголеми на 7,4 милијарди евра. Во 2020 година се очекува БДП да изнесува околу 6,8 милијарди евра.
Малите бизниси на удар
Малите бизниси се оние кои најмногу ја чувствуваат економската криза. Голем дел од нив ставија и „клуч на врата“. Од 13 март до 28 јули, на Косово се згаснати 255 бизниси, од кои 235 се индивидуални бизниси. Косовската бизнис агенција проценува дека оваа година ќе биде рекордна во овој поглед. Ако овој тренд продолжи до крајот на годината, можно е затворање на повеќе од пет илјади компании. Со продолжување на плаќањата на ратите, каматите и даноците, по тримесечната суспензија (март – јуни), уште повеќе е влошена ликвидноста и на најголемите компании во земјата – а, пак, да не зборуваме за малите бизниси.
Извор: euractiv.com
Што се однесува до влијанието на пандемијата врз пазарот на трудот – во Косово во 2019 година стапката на невработеност изнесуваше 25,7%, или во апсолутен број 125,305 невработени лица. Додека, пак, стапката на вработеност беше околу 30,1%, или во апсолутен број, бројот на вработени изнесуваше 368.180 лица. Ако ги анализираме овие бројки, доаѓаме до заклучок дека пазарот на трудот во Косово и така е прилично нестабилен. КОВИД-19 може уште повеќе да ги влоши овие бројки. Најголемиот процент на вработените граѓани во Косово се со привремени договори, додека пак бројот на тие без договор е околу 20%, што значи дека оваа категорија ќе биде најмногу погодена од пандемијата.
Приватниот сектор покосен од пандемијата
Како резултат на сето ова, на Косово се очекуваат најмалку уште 246.000 невработени лица од приватниот сектор во втората половина на годината. Зголемувањето на невработеноста го зголеми и бројот на семејствата кои бараат користење на социјална помош. Бројот на корисници на Системот на социјалната помош во јануари 2020 година беше 24.229 семејства. Во јули, таа бројка изнесуваше 24.737 семејства. Во споредба со февруари, бројот на семејствата корисници на социјалната помош е зголемен за 559 семејства во шемата за социјална помош. Износот на средствата што овие семејства ги добиваат од Владата на Косово, се во висина од 50 до 150 евра месечно, во зависност од бројот на членовите.
Итна економска помош
За да им помогне на бизнисите и на работниците кои останаа невработени, како и на другите категории кои беа економски погодени од КОВИД-19, Владата на Косово го усвои Итниот Фискален Пакет со вредност од 179 милиони евра. Владата, односно Министерството за финансии и трансфери, во 10-иот итен пакет во делот на бизнисите опфати три категории на работници кои биле погодени или оштетени од затворањето на бизнисите или од недостатокот на приходи за тие бизниси.
- Редовни работници, кои ќе бидат поддржани со 170 евра за период од два месеци;
- Редовни работници кои беа отпуштени за време на пандемијата, ќе бидат поддржани со 130 евра за период од три месеци;
- Вработени кои биле исплаќани во готово и кои приватниот бизнис ќе ги регистрира како ново вработени, ќе бидат подржани со 130 евра за два месеци по регистрацијата.
Пропуштена шанса за подобра иднина
Во првата недела од јули, Владата на Косово го достави до Собранието Нацрт-законот за економско закрепнување. Овој Нацрт-закон, доколку беше усвоен ќе им овозможеше на граѓаните на земјата да повлечат 10% од своите средства што се наоѓаат во Фондот за пензиски заштеди, зголемувајќи ја вкупната побарувачка во стопанството. Законот предвидуваше и кредитирање на стопанството под поволни услови, особено за малите бизниси и земјоделците – преку покривање на ризиците и субвенционирањето на каматните стапки од страна на Владата на Косово. Преку измените на Законот за ДДВ, ќе се намалеше и стапката на ДДВ од 18% на 8% за хотелиерството и гастрономијата. Со тоа ќе се создадеше законска можност за Владата на Косово да спроведе значајни мерки што ќе го поттикнат процесот на закрепнување на економијата и ќе го подобреа животот на граѓаните. Но, поради немање на кворум, овој закон не беше донесен.
Во втората половина на септември, Собранието на Косово имаше втора шанса да го усвои овој закон. Но, и тогаш се покажа дека сегашната влада е во криза, и дека политичките инаети се над интересите на граѓаните. Политичкото ривалство во рамките на владејачката коалиција го прави владејачкото мнозинство практично неспособно за одлучување.
Соработка за економско закрепнување
Од друга страна, на опозицијата и недостасува политичка волја, и чека поволен момент за да ја урне власта. Во ваквата политичка клима, граѓаните и економијата на земјата се жртви на војната меѓу политичарите. Економското закрепнување е долг и макотрпен процес и бара соработка на сите актери заради усогласување на голем број одлуки и активности, вклучително и меѓународни економски договори, зголемување на јавниот долг, создавање на нови можности за извоз на косовските производи, унапредување на регионалната соработка, инвестиции во инфраструктура, итн. Неможејќи да се предвиди крајот на пандемијата, но, исто така, неможејќи да се врати во истите социо-економски услови пред пандемијата, на новата ситуација треба да се гледа како можност за тестирање на нови економски и социјални политики.
Неопходни се и реформи во неформалното и формално образование. Хаосот што е создаден на пазарот на трудот бара нови јавни политики, особено нови социјални политики.
Финансиската поддршка за бизнисите кои вработуваат млади работни сили и намалувањето на даноците за малите бизниси секако ќе доведат до нивна подобра економска и социјална благосостојба. Но, ќе им помогне и на граѓаните кои се во потрага по подобро утре како резултат на економскиот пустош предизвикан од пандемијата.