ВМРО-ДПМНЕ бараат министерот Филипче да поднесе оставка

Сподели

 

“Се повеќе е јасно дека министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести, не знаат во кој правец се движи Република Македонија во однос на пандемијата, која деновиве се повеќе зема замав и бележи огромен пораст на новозаболени”, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

“На почетокот на пандемијата Венко Филипче прогнозираше бројка која одамна е надмината и веќе државата е влезена во огромен здравствен колапс. За лошата ситуација во јавното здравство говори фактот што веќе неколку инфектолози и медицински сестри ги напуштија работните места во јавното здравство и заминаа да работат во приватни болници, поради тоа што веќе долг период се соочуваат со реален проблем кој министерот Филипче упорно вели дека не постои, а тоа се лошите услови за работа и недоволната заштита која е неопходна во време на ваква пандемија. Венко Филипче преку смирени прес конференции пробуваше долг период да ги манипулира граѓаните и преку популистички мерки да ги уверува дека ситуацијата е стабилна, за денес да бидеме сведоци на речиси 20100 вкупно заболени изминатите месеци и за жал речиси 800 смртни случаи. Ова се податоци кои нималку не даваат надеж, ниту пак се показател дека ситуацијата е под контрола и дека Венко Филипче знае што прави. Инаку повторно бележиме висок процент на новозаболени. Вкупно биле направени 778 тестови, од кои 177 позитивни”, се наведува во партиското соопштение.

“Изгубени се многу човечки животи, а за жал бројките на новозаболени изминатите неколку дена се движат околу 400 во само 24 часа и ветуваат подобра слика во наредниот период. Чесно е да се признаат грешките и за истите да се сноси одговорност, а доколку министерот Филипче смета дека не ја организира работата како што треба, коректно е да поднесе оставка и да побара помош од здравствени работници кои имаат идеја како понатака, се со цел намалување на бројките кои секојдневно ја разбрануваат јавноста и ги држат во неизвесност луѓето кои поради немањето визија на одговорните, трпат за леб и не знаат до кога ќе трае здравствената, а со тоа и економската криза. Македонските граѓани не смеат да бидат оставени на цедило поради личните суети на Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести”, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.