Манипулативен пост ја дезинформира јавноста дека со ПЦР тестовите се „чипираат“ граѓаните и на доволно јасен начин повикува да не се тестираат, пишува Вистиномер. Што е страшно во ситуација кога во државата бројот на заболени достигна речиси 24.000, а на дневна основа последнава недела се регистрираат по 500 и повеќе заболени
Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири невистини дека со тестовите за Ковид-19, наводно, во организмот на оној кој се тестира се вградуваат микрочипови (!), преку кои потоа, со помош на 5Г технологијата и генетски примерок на ДНК, се извлекувале важни податоци за конкертната личност?!
Во овој опасно манипулативен пост без никаква аргументација се тврди:
„19.10.2020 КОВИД 19 ТЕСТ Ова го засадуваат во вас (може да се прочита со 5G) кога ќе го извлечете, имате ДНК и преостанати парчиња за распределување на вашата личност … Многу лесно.“
За ваквата конспиративна теорија не е приложен ниту еден доказ и нема извор за наведените тврдења. Објавата е искомбинирана со неколку фотографии од микрочипови – земени од статија објавена на еден германски сајт во 2009 година, потоа се гледа и фотографија од микроскоп, како и наменски избрана илустрација на која е прикажано земање брис од нос, пришто паѓа в очи колку длабоко е навлезено стапчето. За посочените фотографии „позајмени“ од интернет, исто така, нема никаков извор за да се знае од каде се земени, кога се направени и со каква цел.
Познато е дека молекуларниот тест (ПЦР тестот), со којшто се детектира коронавирусот, е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО), тој е безбеден и за таа цел се применува насекаде во светот за време на пандемијата со Ковид-19..
Со овие тестови се бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.
Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах уште во април за МИА изјави дека според упатствата на СЗО, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.
Со него може да се измери вирусното оптоварување или бројот на вирусите во еден примерок. Тоа значи дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР, ние ќе знаеме дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен, истакна таа за МИА.
Поврзувањето, пак, на ПЦР тестовите со 5Г технологијата и всадувањето микрочипови нема никаква реална поткрепа. Ваквите објави, кои во последно време зачестија, одат на линија единствено на некакви терории на заговор, кои неизбежно прават линк со сопственикот на Мајкрософт, Бил Гејтс, и тие досега повеќепати се разоткриени од сервисите за проверување на факти, како оние на Би Би Си, Ројтерс, но и многу други. Рецензија за една таква конспирација имаше неодамна и „Вистиномер“.
Оваа објава, која во моментот кога е пишуван текстот е споделена 23 пати и има повеќе коментари и допаѓања, е исклучително опасна првенствено поради тоа што, пласирајќи паушални информации, ја дезинфромира ја јавноста дека ПЦР тестовите за коронавирусот се штетни (се тврди дека се вградуваат чипови), што е јасен повик до граѓаните да не се тестираат. Тоа е страшно во ситуација кога во државата бројот на заболени достигна речиси 24.000, а на дневна основа последнава недела се регистрираат по 500 и повеќе заболени.