На 25. Конгрес на СДСМ, прв дигитален Конгрес на една политичка партија во државава, усвоени се измени и дополнувања на Статутот на СДСМ, кои значат уште еден чекор напред кон поголема демократизација на партијата, унапредување на позициите на жените и младите во СДСМ и дополнително зајакување на партиските комисии.
СДСМ е прва партија во земјава, во регионот и една од ретките партии во Европа и во светот која има целосна родова еднаквост и учество на мажите и жените рамноправно во своите органи и тела на партијата.
Измените на Статутот отвораат и нова демократска можност: за првпат во историјата на државата една политичка партија својот претседател ќе го избира на внатрепартиски, непосредни избори.
Новиот претседател на СДСМ ќе биде избран на директни,непосредни, партиски избори следната година, во првото полугодие кога истекува мандатот на актуелното раководство. За Претседател на СДСМ ќе може да се кандидра секој член со најмалку 5 години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас.
Се менува и Преамбулата на Статутот. Покрај слободата, еднаквоста и солидарноста кој се основни социјалдемократски вредности, како и демократијата како цивилизациска вредност, се додава и правдата, како основно обележје на трајната посветеност на нашата партија.
Се воведува и Кодекс на однесување на СДСМ. Вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс на однесување на членовите на СДСМ.
За прв пат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарно предвидени форми на организирање. Претседателите на Форумот на жени и на СДММ и на Градската Организација на СДСМ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас, на сите нивоа соодветно.
За првпат, се формира и Форум на пензионери, кој ќе има за цел да ги мотивира нашите највозрасни членови и да ги искористи нивните капацитети во градење на мерки и политики за унапредување на животот на пензионерите.
Со измените на статутот, со новиот бренд, црвената боја станува боја на СДСМ.
“Тоа е бојата на социјалдемократијата, боја што ја остликува нашата енергија, сила и верба во подобра заедничка иднина”.
Одлуките од 25. Конгрес на СДСМ се нови стандарди, нови исчекори што како одговорна и државотворна партија ги преземаме.