Денеска во Софија лидерски Самит за Западен Балкан на Берлинскиот процес

Сподели

 

Денеска во Софија ќе се одржи лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година домаќини се Република Бугарија и РС Македонија.

Македонската делегација на Самитот ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Со Самитот, кој заради пандемијата со КОВИД-19 ќе се одржи преку видео конференциска врска ќе претседаваат премиерите Заев и Борисов, а свои обраќања ќе имаат канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, на чија иницијатива започна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската Комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ.

На пленарната сесија на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес се очекува да земат учество лидерите на земјите од Западен Балкан како и заменик-претседателот на Европската комисија Борел и еврокомесарот за соседство и проширување Вархеји.

Се очекува на Самитот да бидат донесени Акцискиот четиригодишен план за Заеднички регионален пазар за кој шефовите на држави и влади ќе потпишат декларација, како и декларација за Зелена агенда за Западен Балкан. 

Како логистика на овие стратешки документи, на Самитот во Софија ќе бидат донесени и повеќе меморандуми и протоколи како што се Меморандумот за заеднички регионални стандарди за меѓународните договори за инвестиции и Протоколот за отворен пристап кон истражувачките инфраструктури на земјите од Западен Балкан.

Лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Софија ќе заврши со заеднички изјави за медиумите на копретседавачите премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, заедно со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел. Поради ограниченото време на лидерите, на изјавите не се предвидени новинарски прашања. Изјавите се предвидени да започнат околу 12:45 часот.

Самитот ќе може да се проследи на онлајн каналите на Премиерот и Владата на Република Северна Македонија.

denesmagazin.mk