Продолжени договорите на медицинските сестри од Здравствен дом

Сподели

 

Веќе од утре ќе им бидат продолжени договорите на медицинските сестри, кои беа ангажирани на определено време во Здравствен дом – Скопје, а чии договори за работа истекле на 31 октомври, потврди за Мета, д-р Виктор Исјановски, директорот на институцијата. Како што тој информира, станува збор за четириесетина медицински сестри чии договори истекле заклучно со крајот на минатиот месец, а дека за продолжување на договорите, потребна била согласност од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Оваа институција го формира и одобрува буџетот за ангажман на кадар, па поладнево Фондот одлучил дека ќе има буџет за оваа намена за Здравствен дом – Скопје.

– Тие работат овде веќе две години, точно е дека им истекоа договорите. Во моментов не се на работа, но од утре почнуваат затоа што попладнево добив зелено светло дека буџет ќе има и дека од утре може да се вратат на работа – рече директорот Исјановски.

Во Министерството за здравство за Мета информираат дека на барање на министерот Венко Филипче, денеска Агенцијата за вработување до министерството доставила информации за невработени лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, на кои ќе им биде понудено вработување во ковид-центрите низ државата.

– Дополнително, понуда за вработување добија и младите приватни специјализанти кои минатата недела остварија работен состанок со министерот Филипче. Тие веднаш прифатија да бидат ангажирани во ковид-центрите на интерните клиники, како волонтери, додека трае постапката за вработување. Минатата недела министерот се сретна и со претставници на група лиценцирани лекари кои преку социјалните мрежи алармираа дека се невработени. Иако беше најавено дека се работи за 50 лекари, желба за работа изразија само петнаесетина – велат во министерството.

Оттаму информираат дека во моментов има оглас за дополнителни вработувања и на Инфективната клиника.

мета.мк