НУЦК “Бели мугри” – Кочани: „Од другата страна на огледалото“ од Катерина Соколова и Орхан Камил

Сподели

 

Утре со почеток од 18:00 часот, во Центарот за култура – Кочани, ќе се отвори изложба инсталација насловена „Од другата страна на огледалото“ која е мултимедијален проект кој се состои од објекти, слики и огледала. Автори се Катерина Соколова и Орхан Камил од Кочани.

Проектот е во годишната програма на НУЦК “Бели мугри” – Кочани, финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Идејата на овој концепт е да се презентира комплексноста на уметничкиот акт како клучен момент при реализирање на крајниот продукт.
Секој творечки процес има свој тек, кој не познава граници и како таков не треба да се оспорува. „Огледалото“ е одраз на уметничкиот крик.
Уметникот безмалку секогаш е изложен на искушението дали да остане свој или за одреден надомест, позиција на општествената ,уметничката скала, да влезе во играта да биде пренесувач на одредена порака.
Уметникот во потрага на споствениот израз се наоѓа пред разно разни предизвици со кои треба да се избори, за да го достигне својот душевен пиедестал. Тука потиснатите пориви имаат реални димензии. Од другата страна на огледалото, постоиме во вистинска смисла на зборот, каде ние го диктираме дејствието. Оваа психолошка нирвана е огледало на самодовербата, борбата до последен атом за обновување на душевната ренесанса.
При креирање на овој проект, допринесува и „публиката“ која е присутна во вид на дводимензионални силуети. Доказ дека ниту една општесвена состојба не може да го оспори постоењето и остварувањето на уметникот.
Во длабочината на огледалото се соочуваме со реалните проблеми, со ликот кој го губи идентитетот. Тоа е вечната борба и нешто што во суштина го следи уметникот, кој во основа се занимава со убавината. Се занимава со длабоките значења. Се занимава со некои подлабоки духовни нешта. Уметникот кој и да е, каков и да е, со што и да се занимава тој е единствениот којшто може да го прави балансот во нашето живеење.
Да биде противтежата. Да ги направи и да ги балансира работите барем во одреден момент.
Сè до оној момент додека цврсто стоиме на своите нозе и сакаме да ја пренесеме својата лична творечка порака, сме блиску до себе и до сопствената суштина како човек и пред сè уметник. “м-р Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн.

denesmagazin.mk