ЕУ со бајпас! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Eдна жена долги години се молела на богот Брахма за да стане најбогата жена во древната Индија.

     Мерсел Биљали

После долго време ѝ се јавил еден глас од небото: „За да бидеш најбогата треба да отидеш кај црвената пештера, таму е богатството“. Жената со малото дете на грб тргнала кон пештерата. Што да види!!! Внатре огромно богатство од злато, дијаманти и разновидни драгоцени камења. Веднаш почнала да ги полни сите вреќи што ги носела со себе. По извесно време небески глас:  „Побрзај оти пештерата наскоро ќе се затвори“. Жената со своите вешти раце продолжи да полни. Повторно гласот: „Внимание, пештерата почна да се затвори“! Но, алчната жена занесена од скапоценостите продолжи, грабејќи едни скапоцени дијаманти кои сјаеле како сонце. Но, сјајот веднаш ѝ се претворил во мрак, кога видела дека детето и останало внатре зад огромниот (не)подвижен камен кој неповратно ја затворил пештерата!

Оваа древна хиндуска мудрост ме потсеќа на бројни нашите политички дејствувања од власта, опозицијата, аналитичари и медиуми, кои во болната трка за власт и збогатување, ја „заборавиле“ државата зад огромниот (не)подвижен камен во пештерата. И сега настапуваме фаталистички, а од такво дејствување сите стремежи заедно со судбината ни завршуваат фатално. Нашите власти уште од почеток ја пропуштија шансата, државата да ја изгрдат на здрави темели. Со одговорни лидери ќе станевме членка на ЕУ уште од 1999, година, а ние ја пропуштивме и 2010, и продолжуваме да пловима како заталкан брод, без компас и со пијана посада. Веќе три децении, наместо да се фокусираме на економски реформи и развој, нам полесно ни беше користење турбо-фолк лажен патриотизам и стасавме до пеколот заедно со ѓаволот! Како вакви, сега тешко би не примиле и во Африканска унија, оти станавме огледало во кое секој си ја гледа својата грдотија.

За жал и сега продолжуваме фаталистички да бараме преговори (преговорачка рамка), веројатно не поради потребата од реформи, оти ние сме хронично антиреформски болни, туку за да имаме со што да се фалиме пред граѓаните кога севкупната состојба ни е за жалење. Во една прилика, еден поранешен амбасадор во Скопје со право си кажа: „Вие ни велите – дојдете тука за да работите за нас, оти ние не знаеме самите, не сакаме да учиме, а и не ни се работи, па и ѓубрето да ви го собираме ние дипломатите“! Изгледа нѐ приметија дека зборуваме како анѓели а дејствуваме како ѓаволи.

Реално гледано, проширувањето во Брисел се доживува како ептен здодевна песна чии рефрен е „не умри магаре до зелена трева“. ЕУ е видно уморна од проширувањето. Таа има свои огромни внатрешни проблеми – како со понатамошното функционирање? Што со Брезит? Како со Полска, Унгарија и Словенија чии лидери уринираат по европската демократија, а ги сакаат нејзините пари? Како со растечкиот внатрешен радикализам и популизам? Што со гасоводите за кои Американците притискаат? Тука проширувањето е последната дупка на „свиралото“.

А ние како лудаци сме запнале „преговори па преговори“, а Брисел единствено може да понуди само глумење преговори. Кога Србија ги почна преговорите пред седум години, Вучиќ кажа дека Србија ќе стане членка на ЕУ во 2020 година. Србија има отворено 18 од 35 поглавја, од кои само две се привремено затворени. А пред некое време пристигна известување од Европскиот совет – Србија нема да го отвори Поглавјето 2 (за слободата на движење на работниците)! Сега, српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, вели дека Србија ќе се зачлени во ЕУ до 2027 година! Добрите познавачи велат дека пред 2030 година нема шанси. Тоа значи скоро 20 години преговори. Слична е состојбата и со Црна Гора која преговара веќе 9 години, а има затворено само три поглавја од вкупно 32. Познавачите велат дека преговорите се тек на половина пат! Тоа значи 18 години преговори! Ако е така, зошто ние се брзаме за воз кој ептен многу ќе доцни!? И да почнат преговорите сега, а и воопшто да не почнат, нам ни претстојат 20 години работа до полноправното членство. А што дотогаш?!

ИМА ЛЕК!

Лекот е во западно-балканската економска и царинска интеграција на шестте држави од регионот – Србија, Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора и Косово. Таквата заедница би имала околу 20 милиони жители, со добри објективи да ја заживее индустријата, трговијата, земјоделството, сточарството, туризмот итн. Видно би се зголемиле странските инвестиции, би зајакнала регионалната инфраструктуре, а и меѓусебната доверба. Народите би се помириле, со што би зајакнал регионалниот мир. Досега се градеше заедништво со помош на омразата. Западните држави, само по неколку години по војната формираа повеќе организации (за јаглен и челик, за економска соработка, за атомска енергија…) и почна со интеграциите, а кај нас и после 25 години по војните, неспособни политичари ги чепкаат старите рани, за да изгледаат свежи. Оти немаат капацитет за друго, ама луѓето продолжуваат да се гордеат со лидери од кои нормалниот свет се срами.  

Со регионална интеграција нема да ја откриеме „топлата вода“. Бројни држави како Данска, Шведска, Финска, Австрија, Велика Британија итн. првин беа зачленети во ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија), па после повеќе години во ЕУ, така што во една таква наша регионална унија може само да се забрза нашето ЕУ интегрирање. Значи, ќе мора претходно да се интегрираме во наш заеднички пазар, заедничка економска целина, заедничка енергетска политика, заедничка политика во телекомуникациите, транспортот, сите овие попратени со развојот на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Дури и постојниот регионален договор за слободна трговија – ЦЕФТА, иако со многу потешкотии сепак помогна извозот во рамките на државите членки да порасне дури за 75 проценти.

Значи, ако „Мини-Шенген“ се реализира, тоа ќе го намали притисокот од земјите на западен Балкан за брзо зачленување во ЕУ, кај што засега и не се посакувани. Брисел дури е спремен да плати големи пари само да се одложат можните нови приеми во наредниве десетина години. ЕУ е спремна силно да го подржи нашиот дел од TEN-T сообраќајна мрежа (особено коридорите X,VIII, V-b, V-c, автопатиштата, пругите, пловните линии, пристаништата итн).

Но, нашите политички актери и од власта и од опозицијата, ако имаат грам одговорност ќе мора да дејствуваат многу поинаку. Треба да престанат со партизацијата на сѐ што дише, која ни е тешка рак-рана. Веднаш треба да се престане со партиските вработувања, авансирања, именувања. Тоа треба да се прави со меѓусебен договор со опозицијата. Инаку што мајка бараат во ЕУ, ако не се способни тие принципи да ги применуваат дома! А и опозицијата, не треба цело врема да „плаче“ за некакви национални интереси или етнички права, туку да понуди сериозни развојни идеи, програми и проекти. Најголем патриотизам е задржувањето луѓето тука. Сѐ друго што се продава како „мед и млеко“ е обична „лук и вода“. Ако не знаат, нека ги пуштат другите. Или самите по себе ќе се појавуваат. За жал сеуште има лидери кои ги загубија изборите дури и во нивната околина, а се повикуваат на народот. Не гледат дека наскоро пештерата ќе се затвори! Оти тој што гледа назад го губи патот напред.

denesmagazin.mk