Заев: Да живее македонскиот народ, македонскиот јазик и сите граѓани  

Сподели

 

Премиерот Заев денес имаше обраќање до македонскиот народ:

“На сите ни е јасно, дека до овој момент Европската Унија не постигна согласност за прифаќање на преговарачката рамка за нашата земја. Оваа неодговорна грешка е горчлива вест за целата наша нација. На овој ден, се слуша големото разочарување кај сите нас во една издишка.

Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите. Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство. Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати.

За Северна Македонија, за македонскиот народ и за сите граѓани на нашата земја не се прифатливи овие услови.

Затоа ние застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик. Нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање! Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото. Тоа се нашите столбови за иднината. Ние сме свои на своето. Чисти пред себе и пред светот. Знаеме кои сме и точно знаеме каде одиме. И точно знаеме за што смее, а за што не смее ниту да се преговара ниту да се разговара.

Ние одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара! Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија.

Ние велиме – ДА за Европа и велиме НЕ – за уцени врз македонскиот народ! И НЕ за уцени врз нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и сите други.

Им оддаваме признание и благодарност на сите останати земји-членки на Европската Унија. Посебно признание и благодарност упатуваме до Сојузна Република Германија која во исклучително тешки времиња, во врвот на нејзиното претседавање со Унијата ги стави Буџетот на ЕУ, борбата против КОВИД-19 и проширувањето, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија како старт на преговорите за нашето членство во ЕУ. За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија, од позиција на земја-членка. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. И добро е што нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка.

 

 

Нашата совест е чиста. Целиот изминат период се водевме од принципите на максимална заштита на националните интереси и да не смее да се чепка во правото на самоопределување на македонскиот народ. Да вложиме максимални напори за отворање на пристапните преговори со ЕУ во 2020 година, а притоа да ги унапредуваме добрососедските односи врз основа на взаемно разбирање и почитување. Затоа сметаме дека причините за неодобрување на преговарачката рамка прават штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија. И се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европската интеграција на регионот и за европските вредности ќе може да се надомести бргу.

За жал, поразот на европските вредности, опозицијата во нашата земја го воспева како своја победа. Еве денеска паднаа во вода сите лаги и клевети. Им се срушија лагите дека наводно се распродавал македонскиот идентитет. Тие што македонскиот народ го нарекоа хистеричен, сега тонат во сопствената хистерија. A, македонскиот народ е далеку повисоко од хистеријата и од срамните лаги на Христијан Мицкоски. Еве сме. Тука сме. Македонци кои зборуваат македонски јазик. Свои на своето. Отсекогаш, засекогаш. Станавме земја-членка на НАТО како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе станеме членка и на ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик.

Бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент. Македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат исклучок од овој принцип. Бараме на ист начин како што ние се грижиме, го развиваме и скапоцено го чуваме европскиот идентитет дома, така и ЕУ да го почитува, да се грижи и да го чува нашиот македонски идентитет, како скапоценост на својата различност.

Владата на Република Северна Македонија останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Нема откажување! Сега со уште повеќе верба, посветеност и единство, да се посветиме на градењето европски стандарди дома. Ќе работиме на поддршка од развиените европски демократии, билатерално, со секоја од нив во полето во кое е најсилна, ќе ги донесеме европските стандарди дома.

Да живее македонскиот народ, Да живее македонскиот јазик, Да живеат сите граѓани и сите јазици кои се зборуваат во Северна Македонија. Да живеат европските вредности” – изјави премиерот Заев.