СТУДЕНТИТЕ ПРЕД СПУКМ ПОРАЧАA: УКИМ Е НАШ И ЌЕ ГО ВРАТИМЕ ВО НАШИ РАЦЕ

Сподели

13550987_1346453298702274_684317786_n-702x336

Пред да го започне својот говор на денешниот протест, пред седиштето на Студентскиот парламент при УКИМ, студентката Александра Живковиќ ги покажа модринките на своите раце, здобиени по синоќешните судири со припадници на Единицата за брзо распоредување, за време на блокадата по повод студентските избори.

Таа во своето обраќање рече дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не смее да дозволи криминална организација, мислејќи на СПУКМ, да носи одлуки во име на студентите. Живковиќ нагласи дека УКИМ е на студентите и тие ќе го вратат повторно во свои раце.

„Претставниците на Студентскиот парламент веднаш да бидат исклучени од сите тела во кои имаат право на глас. Тие не се повеќе наши колеги и не се академски граѓание, тие се срам за УКИМ, за нашата академска фела. Ќе победиме, ќе го вратиме УКИМ повторно во наши раце“, рече Живковиќ, барајќи ректорската управа и ректорот да го осудат вчерашниот настан на кампусот на УКИМ, како и пред СПУКМ.

По нејзиниот говор, присутните почнаа да извикуваат „Ќе одговарате“, додека претходно се извикуваше „Полициска држава“, „Срам“ и „Стоп за полициска бруталност“.

Кратки обраќања имаа и студентите Демијан Хаџи Ангелковски и Ивана Туфегџиќ. Тие прашаа кога конечно државата ќе ги апси криминалците, наместо да се тепаат студенти.

Протестот започна точно во 19 часот, пред канцелариите на СПУКМ, каде може да се забележат студенти, средношколци, родители и активисти.

Претходно, Пленумот најави порадикални чекори во наредната академска година. Од МВР, пак, бараат сите полициски службеници коишто се однесувале грубо да бидат најдени од снимките коишто ги поседува МВР и веднаш да се покрене дисциплинска постапка против нив. Во спротивно, велат од Пленумот, тие засебно ќе поднесуваат кривични пријави, против министерот, командирот и секој што ставил потпис за синоќешната акција.

Oд Пленумот негираат дека употребиле насилство кон претставниците на СПУКМ кои ги носеа вчера кутиите, како што беше наведено во извештајот на МВР. Меѓудругото, тие бараат од новиот претседател на СПУКМ Давор Поповски, да ги поништи изборите.

RADIOMOF.MK