„Направи техничка проверка на возилото“, „Користи соодветна зимска опрема“, „ Држи безбедно растојание“, „Вози внимателно на влажни и замрзнати коловози“, „Биди подготвен за безбедно патување во зима“ се само дел од пораките и советите кои РСБСП секојдневно ги испраќа до учесниците во сообраќајот.
Во рамките на Зимската кампања 2020-2021, која што има за цел унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во зимскиот период од годината и подигање на свеста за поголема употреба на зимска опрема во возилата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во изминатиот период организира сообраќајно едукативни активности во повеќе градови во кои што возачите беа информирани и едуцирани за позитивните придобивки од употребата на зимските гуми и потребата од поседување на зимска опрема во возилата а исто така беа организирани и показни вежби за правилно, брзо и безбедно монтирање на ланци за снег.
Согласно наведеното РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот, за своја лична безбедност, за безбедноста на своите најблиски и воопшто за севкупната безбедност во сообраќајот, да ги почитуваат законските обврски, да користат соодветна зимска опрема и да направат соодветна зимска проверка на возилото.
Оваа е период од годината кога има честа појава на дожд, магла, снег, голомразица, односно, оваа е период од годината кога временските услови значително влијаат на условите за безбедно одвивање на сообраќајот и затоа возачите односно возилата треба да бидат соодветно подготвени.
Големиот број на сообраќајни незгоди, големиот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, нека биде предупредување и потсетување, за сите учесници во сообраќајот, дека последиците од сообраќајните незгоди не се за потценување и затоа сите треба да бидат максимално одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да ги почитуваат обврските кои ги имаат како возачи а се однесуваат на зимската опрема во возилата – потенцираат од РСБСП.
#КористиЗимскаОпрема!