На крајот на векот
Тие и тогаш ќе го прават она што
го прават на крајот на секоја година.
Анализи, анкети, личности на ова и она.
Политички, спортски и културни заклучоци.
Ќе прашуваат каде ќе го чекате новиот век,
што мислите за векот што изминува.
Ќе организираат дочеци, патувања, избори.
Ќе ги украсат градовите за сите сто години
и ќе се дотераат за сите пари на светот.
Потоа ќе ги пополнат хотелите на целата планета.
Ќе играат, ќе пијат, ќе се веселат.
Ќе се сакаат и сите ќе ги сакаат.
А потоа ќе се вратат дома –
несреќни што се враќаат
и пресреќни што се враќаат.
Среќни што го дочекле нивниот драг гостин,
кој доаѓа еднаш во сто години
и не му текнува да си оди
сè додека не си
отидат сите.